Не се срамат да крадат, да изневеруваат, па зошто јас да се срамам од мојата анксиозност?

Пред петнаесет години поголемиот дел од времето го поминував на развлечениот кауч гледајќи во ѕид на кој имаше залепено парче хартија со испишана молитва кон Бог, да ми даде сила да се носам со работите кои не можам да ги променам.

Анксиозно пореметување со тенденција кон депресија. Иако не бев убедена дека Бог може да ја реши сосотојбата во која се наоѓам, се фаќав за се’ што ми беше ‘на рака’, вклучувајќи ги и коментарите на мојата сосетка- бајачка: ‘Ќе биде се’ во ред, те уплашило некое куче некогаш.

Мојот проблем секако немаше врска со никакво куче, ниту пак баењето на сосетката го залечи мојот страв. Тие стравови беа ирационални и толку силни, што некогаш помислував дека некаде глутница кучиња ме изеде.

Пред петнаесет години немав фејсбук, не ми беа достапни информации, туѓи искуства, сознанија. Бев прилично уплашена што се случува со мене. Од една јака, ведра, упорна, насмеана девојка, стигнав до легната положба.

Траеше месец дена, два, но се таложеше со години порано.

‘Јас сум силна Јована и ништо не може да ме скрши’. Е токму таа јака Јована ме доведе до ова сега што сум. Скршена Јована.

Не ги обвинувам блиските луѓе на кои им беше тешко да прифатат дека можете да потонете, а да имате се’. Секогаш ми набројуваа: Млада си, имаш факултет, имаш прекрасно момче, добро заработуваш, ништо не ти фали, здрава, права..

Во таа ситуација, можев да разговарам додека лежам само со себе, додека тие разговори не ме доведоа до психијатар, единствената личност која единствено тогаш можеше да ме разбере и помогне.

Кажете му на некој што ве мачи, но ако наидете на неразбирање, не се откажувајте, постојат стручњаци кои можат да ви помогнат. Не чекав никој да ме разбере, ги фатив ронките на здрав разум и побарав помош. Добив терапија која на почеток ја одбив, бидејќи мислев ‘готово е, полуде’- но во тој момент немав избор.

Ми помогна да застанам на нозе, да се ослободам од повеќето стравови, паники, да си дојдам себеси точно во онаа мера која ми е потребна за да согледам што се случило, што можам да променам, што ќе ме направи задоволна и да се обидам тоа да го направам.

Се’ што ме притискаше морав да го освестам. Тоа мора да се лечи. И тоа ме ослободи од притисокот дека сум луда. Сите сценарија поради кои тонев во се’ поголема анксиозност никогаш не се остварија. Заклучокот е дека аксиозноста дојде поради големиот расчекор меѓу она што сакав и она што во тој момент имав. Никогаш никој не ми зборуваше за животот, дека нема правила, дека сиот труд не мора да донеси успех тогаш кога очекував, ниту во обликот кој го очекував.

Предолго се грижев за другите, а многу малку за себе. Предолго имав големи очекувања. Премногу работите си ги ставав на срце. Предолго верував дека постојат некои правила во животот. Предолго верував дека животот воглавно не е фер и не може да тргне однопаку ако си океј човек.

Не се осудувам себеси повеќе за било што, човек сум од крв и месо, не сум суперхерој, безгрешна, секогаш силна да одговори на секоја ситуација, секогаш подготвена да ги менува луѓето, да оди каде што не и’ одговара..

Имам падови, стравови, но станувам. Се прифатив себе, сите мои мисли без паника дека со мене нешто не е во ред. Ако станат страшни и почнат да ме кочат секој ден, ќе побарам помош.

Никој не треба да трпи болка, а најмалку на душата. Немам проблем да пишувам јавно за се’, не се плашам, луѓето не се плашат да крадат, да изневеруваат, па зошто јас да се срамам од мојата анксиозност и да ја кријам.

Јована

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading