‘Од врска во врска. Од бездна до бездна’- така неодамна својот живот го опиша една моја драга пријателка. Разочарана во љубовта, подеднакво како и во мажите, рече дека повеќе на ништо не се надева и дека не и’ паѓа на памет да излегува со маж, само за да не ја преживее истата драма.
Ја слушав и ништо не и’ реков, бидејќи долго време и јас така се чувствував…Како да патувам со возот на смртта по турбуленти шини на љубовните односи во кои секогаш се трудам, само за да на крајот гушнам едно големо ништо.
Се’ до моментот додека во себе не го пронајдов одговорот дека е во ред се’ да оди по ѓаволите и треба да се потрудам за промена околу себе.
На многу жени, токму како мојата пријателка тој факторот ‘да се биде во врска’ е многу критичен, бидејќи сите нивни односи доаѓаат до некоја точка и потоа се разводнуваат.
‘Тој е само еден во низата кој не сака да се врзува. Не разбирам што правам погрешно?’- често ме прашува мојата пријателка
Мислам дека проблемот на многу жени е што се фаќаат за идејата на некој однос и заглавуваат во вакумот на сопствените илузии, па грчевито се држат дури и кога мажот ќе ги одбие или едноставно е неодлучен. И што повеќе инсистираат, тоа повеќе ја губат вредноста во неговите очи, наместо да се запрашаат најважната можна работа- Што е најдобро за мене?
Да појаснам. Не се фокусирам на глупоста ‘како да му се допаднам?’ Туку- Каде се гледам за година, пет и десет? Каква врска сакам, со каква личност? За што треба конкретно да работам на себе?
По едно несреќно раскинување, одлучив малку поинаку да реагирам. Прво му бев благодарна на партнерот за едно искуство повеќе и потоа сето внимание си го посветив себе. Не одев со идеја за врска, за фиксации и илузии, па нашиот однос доживеа прекрасна трансформација. Од нашиот однос го тргнав теретот на ‘односи’. И двајцата почнавме да дишиме. И тој ја доби приликата да осознае дека покрај себе има прекрасна личност, жена која во се’ му беше поддршка, која успеа да го насмее, со која има многу заеднички работи. Доби прилика да ме види- мене. Не моите фиксации. Не своите стравови. Не тежината и очекувањата. И јас добив прилика да го видам него- а не својата идеја за него.
Сфаќам дека во моментот кога ќе се разочарате, кога ќе доживеете ситуација во која личноста кон која чувствувате нешто преубаво и со која сакате се’ да поделите тоа не го возвраќа, нешто во вас ќе пукне. Но, тоа што пукна драги мои, не е срце, тоа е илузија. И да повредени сте. Но, единствено што треба да направите е да продолжите да го живеете својот живот.
Но, многу жени се обидуваат да бидат некој друг, некоја своја фикс идеја на жена за кои мислат дека нему можат да му бидат совршени и повторно се губат себе и повторно губат вредност во неговите очи. А тој? Тој всушност е неважен. Бидете она што сте.
И знам ќе кажете дека е тоа лесно да се изговори. Но, всушност не е толку тешко бидејќи никој од нас не губи ништо. Што можеш да изгубиш ако ништо немаш? Ако тој однос постои само во твојата глава?
Себе, своето време и своето достоинство.
by Рита
Leave a Reply