Словото за крстот не е безумство, туку сила Божја

“ Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.“ (1 Коринтјани 1, 18)

Словото за Крстот е првата и последната, најтажната и највеселата, најстарата и најновата,  и најважната приказна што светот ја памети. Се зборува за еден Татко кој бил исполнет со толку љубов, иако невозможно да се пресмета колку поради тоа што всушност целиот е љубов, што најпрво го создал целиот свет, го претрпел неговото предавство, но и се помирил со него жртвувајќи го сопствениот син. Толку долга приказна напишана на тоа парче дрво, дури и со значајни интерпункциски знаци како самообразложувачки белешки на паузи и интонација на зборот, е самата за себе живототворна и надежна за секој читател. Секако, не смее да се остане само на површинско набљудување на крстот од ридот на Голгота, туку страствено да се дојде до неговото подножје, да се земе на своите раменици и согласно неговата тежина и нашата сила да се понесе најдалеку и најповеќе што се може. Притоа старата, ветва облека ќе се распаѓа по трнливите патишта кои го задржуваат негодното и го ослободуваат содржинското, и ќе се формира нова, обновена со првобитната природа која не требаше да падне. Во секој случај, иако напорно бреме, Синот без преседан повикува на средба во која ќе учествува во подигнувањето и ќе го направи подносливо, ќе ги распореди свежината и уморот во усогласени делови, ќе го симне изгревот во секое будење, и ќе го подготвува венецот за оние кои ќе претрпат до крај.

Словото за крстот е безумство за оние, што гинат. Тие се цврсто испреплетени на површината на земјата,  поврзани под неа со длабоки корења до гробовите кои не им дозволуваат ниту милиметар духовна слобода и најчесто папагалски ги повторуваат своите желби и страдаат дури и после нивното исполнување. Немаат амбиција за повисок лет од оној над депониите, ниту искри во очите испровоцирани од занес и восхит од новата вест. Во Крстот не гледаат ниту како предмет – колектор на сите погрешни наоди на цело човештво, туку повеќе како невистинита сторија, плод на нечија фантазија или намерна опструкција која не ја објаснува најголемата вистина и љубов некогаш објавени, но служи како измама и лажна надеж. Уверени се во неговата волшебничка намера чудата да ги презентира како враговштина, а натприродноста како казнена мерка за непослушните. Така повеќе би се плашеле од милосрдниот Бог отколку од клетникот Сатаната, ненаситен по своите жртви кои континуирано ги пополнуваат неговите бедни орди. Безумство е за нив молитвата и копнежот по Јагнето кое го носеше без да се пожали, бидејќи спасението го бараат во сопствените амбари.

 Словото за крстот е сила Божја за оние, што се спасуваат. Тие ја допираат земјата само со неколку од ножните прсти притоа не оставајќи никаква трага во нејзините повраќаници. На гробовите не им веруваат како на непристојни мрачнини кои само се надеваат дека ќе ги задржат нивните распаѓачки тела. Имаат амбиција за бескраен лет кој завршува пред Престолот занемен од звукот на надзвучните харфи и утешителниот тон на Таткото. Во Крстот гледаат како на првата и последна станица, местото од каде сѐ започнува со покајание и каде сѐ завршува со воскресение. Уверени се во неговото постоење за да се одржи ветувањето и распредели наследството праведно после делата разгледани на Страшниот Суд. Не се плашат од Лукавиот, берем не кога стојат исправени пред неговата злоба наоружани со добрина и кротост. Сила Божја е за нив молитвата и копнежот по Јагнето кое го носеше и го предаде за наше соучество во спасението, нетрпеливо во очекување.

СП Апостол 

One thought on “Словото за крстот не е безумство, туку сила Божја

Add yours

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: