Ниедно тело не може да се пофали пред Бога

“ Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овај свет за да ги посрами силните; Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не преставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто, та ниедно тело да не се пофали пред Бога.“ (1 Коринтјани 1, 26-29)

Ако, дај Боже, сум еден од повиканите, искрено ќе се зачудам зошто поканата му се дала на немудар, несилен и неблагороден, човек без соодветни квалитети кој би го заслужил местото на трпезата. Секако воопшто не се сомневам во категоризацијата на Бога и на Неговиот план за вечноста, но сепак се прашувам за сопствената квалификација, нејзината улога во тој план, и пред се способноста да се одигра таа ролја, а притоа да се зачува моралната и невината страна. Во почетокот на моето себепознавање, набрзо после зачнувањето претпоставувам, мудроста ја доживував како способност некого да прелажеш, силата како моќ секого да победиш, а благородноста како слабост на глупаците. Не малку подоцна, благодарение на Господа, мудоста ја сфатив како особено знаење потребно да се разликува доброто од злото, силата како слабост која треба да се зауздува, додека благородноста како пејсаж од колиба на мирно езеро осветлена од првиот сончев изгрев. Кој знае дали сум бил во право.

И, Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите. Има човек кој со внимание не прочитал ниту една книга освен многупати онаа чиј секој збор го открива патот по кој одиме и неговата крајна дестинација. Има и таков кој не знае да го објасне процесот на фотосинтезата, но може да го именува секој камен во прашината, дрво во шумите и вода во реките, и тоа не само по роденото име туку и по нивната функција во мозаикот на природата. Дури и таков кој не излагал на дебата, собрание, брифинг и конгрес, но сепак неговото молчење зборува повеќе од сите аудио квазизаписи. Тие луѓе, ендемична сорта, се безумното во овој свет, далеку од мудроста која артистички се расфрла и не вреди ниту една паричка од раката на просјакот на улица.

И, Бог го избра она, што е слабо во овај свет за да ги посрами силните. Додека во светот се разговара со бомби и препродавање на сопствените души и тела, се зголемуваат резервите на моќ на определена категорија трговци со најгнасни зделки. Власта е слатка, но горчливи се нејзините нуспроизводи кои ги погодуваат не само робовите туку и слободните кои се несвесно лишени од можноста да еволуираат. Кој е доволно слаб за да им се спротистави и го заслужи триумфот? Пастирот кој ја победи смрта која лесно од куршум не умира. Смирениот кој не се загрижил за битката за троновите, бидејќи ја добил сопствената против совеста. И кроткиот кој го завртил другиот образ бидејќи лузните на првиот не му значат толку колку и помирувањето.

    И, Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не преставува ништо, за да го сосипе она што е нешто. Ме избра мене за да го пишувам овој текст и пелинот постепено го претворам во нектар, не за да ја предизвикам лажната бесмртност на старогрчките богови туку укажам на привременото битисување и неодминливо распаѓање. Да објавам денес или утре крај на светот и почеток на нов, во бело руво и без солзи и крцкање со заби.

Така ниедно тело не ќе се пофали пред Бога. Ќе нема за што, бидејќи не ја одржало ниту сопствената материја подолго од предвиденото за него. Ниту може да се погрижи за судбината на едно влакно од својата глава кое прогласило независност од неговите намери. Ниту пак може да се претвори во душа која би полетала кон Небесата, поради својата гнилежна тежина која го влече кон подземјето. Затоа нека ја чека пофалбата во деновите на Судот, ако претходно барем малку се отрезнило и направило нешто за спасението.

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: