Не сакам кога ме вртат како кукла во излог, кога ме набљудуваат во фустани кои не сакам да ги видам на себе. Не сакам ниту кога ме набљудуваат луѓе кои мене не ми се по волја, кога скришно ми праќаат отровни погледи, само затоа што некој на минување му се насмевнав.
Не можам повеќе да слушам или да читам тажни приказни, бидејќи и сама си ги кроев прекрасно. Толку тажни беа, што може и филм да се сними и тоа за Оскар. Шегата на страна, страшен сум јас режисер на својот живот до сега, само драми и мелодрами.
И затоа не можам да пишувам за онаа голема Љубов, што ја носиме сите. Знам за некои работи, потребна е ретроспекција во времиња минати. Не сакам да видам тага во своето око, па така ниту во твоето. Не можам да ја хранам душата со онаа болка која некогаш беше…тоа повеќе не сум јас.
Не можам да ги слушам луѓето кои за се’ пронаоѓаат нови изговори и стравови. Оние кои не сакаат да се помрднат од одредена точка, а ги истураат своите совети и бисери по светот или на лудиот интернет. Не можам да ги сфатам оние кои велат дека за се’ е доцна, дека животот им е таков бидејќи не се од другите подобри. Не можам да ги сфатам ниту оние на кои секогаш им е досадно. Досадата е недостаток на дух, недостаток на автентичност и раст.. Јас ете не можам така.
Се нервирам кога ќе видам млади луѓе, како безделничат дење и ноќе, без цел, сон и план. Во безнадежност на своите мисли и старите рани. Не можам да ги тешам како некогаш, бидејќи ‘оглувеа’ на она што добронамерно им го велам, го сфатија тоа како личен напад и се тргнаа подалеку од мене. Ако, нека одат што понатаму. Не можам да гледам туѓи рани, не. Знаеш, не се ниту моите цакум-пакум исчистени. Понекогаш ќе ме изненадат како прашина која секојдневно очајнички ја чистам, па извира од некое неочекувано ќоше од мене.
Не можам повеќе да им се објаснувам на луѓето, ниту пак планирам. Ниту своите големи планови да им ги кажувам. Затоа што мојот живот е моја работа. Се’ се чува далеку во тишина, за да не може никој да ги оштети со злобни работи.
Не можам повеќе да скокам и играм така силно, бидејќи некои коски појако болат. Но, можат добро да прогнозираат време, без дилема. Не можам да чувствувам страв од минливоста на времето. Стравот доаѓа само од мислата дека нема да проживеам толку работи што во главата ги подготвувам.
Не можам многу работи, а сепак можам се’. Повтроно можам себе да си признам се’ што можам, да направам она што сакам. Можеш и ти или не можеш? Или поконкретно, што можеш, а што не можеш?
Можам да живеам како срцето ми диктира и сака!
Марија
Leave a Reply