Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа е приготвено на Небесата

“ Но, како што е напишано: Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат.“ (1 Коринтјани 2, 9)

Што му недостасува на современиот свет, невремето во кое сега живееме, за да сепак постои нешто што око не видело, за што уво не чуло или ум на кое не помислил. Тој е полн со солзи, војни, заблуди, лаги, илузии, беспаќа, така што би требало се да е видено, чуено и помислено. Толку е склон кон исполнување на желбите на индивидуата, посебно на онаа која може да понуди откуп за сопствената душа, што нуди можности за невидени креации од секој тип. Така се измислени и лекови за егзекуција, печурки за Армагедон и купопродажба на тело за храна, сомнителни визии на земјен рај, пресушени оази за неуморен блуд, бели прашоци за неизмиени мозоци; и што уште нѐ, лепеза на убавини со неминовна токсичност. Сепак многу му недостасува на современиот свет. Скептиците би ме оспориле со мотото дека немаме друг свет во кој би живееле со поинакви избори. Секако тоа не е така додека имаме и друг свет и мноштво избори во постоечкиот.

Што би било тоа што око не видело? Можеби светлина со повеќе луксови од онаа што ја зрачат парите или прославен лукзузен имот. Или маса на предмети, со посебна витаминска вредност кои не се цврсто запишани во сопственичка листа.  Дури и пејсаж, одгоре додолу насликан во акварели без да се употреби ниту вода, ниту боја. Којзнае, освен некој од жителите на Небото, дали ќе биде тоа музејска слика или само краткотраен блиц од досега непознат фотографски апарат кој умее да го зграпчи моментот, а не одразот. Што би помогнал и нашиот поглед кога тој не ќе може да опфати се, кога дел од видикот ќе му заглави во рожницата ненаситна да гледа отповеќе од што може да поднесе или во зеницата која во своето ширење и стеснување ќе го пропушти виножитото на кое дожот не му е мајка. Не би знаел каква е таа глетка иако пречесто си го поставувам тоа прашање кое бара повеќе трпение од должината на деновите во кои брзајќи да ја доловам ги исполнувам со многу гревови.

Што би било тоа што уво не чуло? Звук ли на златни монети кои ѕвекотат само кратко после допирот на кожата од дланката која лакомо ги посакува. Или на комерцијална песна чии зборови се нелогично доделени на нејзините акорди и предизвикуваат заглушувачки вибрирања по ушната опна. Дури и најпозната мелодија на химна, на која само после првите ноти се срипува гордо на нозе и се пее гласно, воинствено не давајќи му на срцето да излета од градите. Што би помогнал и нашиот слух кој е само недоносче зависен од сеуште непрекинатата папочна врвца и не разликува ниту арија од  модерен џез. Не би знаел каков е тој звук иако пречесто си го поставувам тоа прашање, сепак шпекулирајќи дека произлегува од харфа, дека има моќ да допре до најдлабокото во нашите одаи на тајните и да преговара и ги наговара чувствата да се охрабрат на тргнат на патување без крилја. 

Што би било тоа што на ум не би паднало? Да се биде освојувач на целата земја, владетел над сите луѓе, деспот со орди робови, диктатор со неограничена слобода кој одредува смрт или живот. Да се летува на месечината, да се пие додека крвта не се претвори во етилен, да се шмрка додека не се исцеди и последниот грам памет, да се пари додека и последниот потомок остане сирак. Што би помогнал и нашиот разум кога кутриот може да го свари само сценариото на денешниот ден благодарејќи на сопствената ограничена мудрост која го прави вообичаен наивник. Не би знаел каква е таа идеја иако пречесто си го поставувам тоа прашање, но сигурен сум дека е во согласност со ветувањето за вечен живот за саканите, будењето со ангелски пој и заспивањето покрај Неговите нозе.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: