Запалени мостови & повратници покојници- зошто повеќе не ги пуштам во мојот свет?

Сите тоа го доживеавме, сето тоа го искусивме. Сите на некој некогаш им се лизнавме од листата на приоритети, иако таков третман не заслуживме. И не, тоа не се случува само во ситуации кога безусловно им се даваме, па луѓето не’ земаат здраво за готово. Ниту мислам на ситуации кога некој нема да се јави неколку дена. Зборувам за ситуации кога луѓето едноставно ќе исчезнат, ќе испарат од твојот свет или подобро да кажам, ќе те исфрлат од својот. На крајот ќе се слушнете само за роденден и празници, а можеби ниту тогаш.

Ќе поминат години, па ќе се појават од нигде-никаде со некоја порака: ‘Токму денес се сетив’ или ‘Во градот сум цела недела, можеме на кафе?’ Можеме, но веројатно нема ништо од тоа. Бидејќи повеќе не сме она што бевме, некогаш одамна. Пред да одлучиш дека од некоја причина не ти требам, ниту пак ме сакаш во својот свет. Не е ниту важна причината. Не е важно ниту тоа што ти е жал, бидејќи во мојот ум ти си личност која еднаш ми го сврти грбот без објаснување и си замина. Благодарам, но таа лекција е веќе научена и немам потреба да ја повторувам.

Дали и јас палев мостови? Секако да. Но, не затоа што не сакав да се дружам или затоа што се вљубив, па како многу други кога ќе се вљубат го губат допирот со стварноста, да ги игнорирам луѓето кои до вчера ми беа центар на светот, туку затоа што некој заслужил тие мостови да се запалат. Затоа што така е подобро за двајцата.

На крајот, сите можеби имаме тежок ден, сите сме само луѓе, имаме свои желби, стравови, таги и надежи и тоа треба да се има на ум.

Не сум заговорник на бесни испади, навреди со кои ќе ги пречекам оние кои еднаш заминаа од мојот живот. Јас сум за методата- љубезна ама на растојание. И тоа го правам заради себе, не поради нив, бидејќи сама со себе сакам секогаш да бидам добро. Да се биде добро со себе е да се знае кога и кон кој ќе покажете емоции. И кога едноставно ќе пуштите, да не реагирате, туку љубезно да ја завршите приказната.

Тоа се нарекува зрелост. Тоа значи да се прости, ама да не се заборави. Тоа се нарекува култура. А тоа за мене значи да се биде дама, жена со висока вредност, барем во своите очи.

Да се врати некој во својот живот Не, но враќање мило за драго, тоа е многу ниско. Простуваш ако имаш што да простиш, вртиш нов лист и одиш понатаму. Најлоши се оние кои ќе те повредат намерно, па те избегнуваат како да си шугав. Како тоа што те повредиле е твоја вина. Како всушност ти да ги повреди нив. Таквите не заслужуваат ниту едно благодарам, туку само delete& forget.

Марија

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: