Некогаш луѓето заминуваат нагло, онака преку ноќ, а понекогаш си заминуваат со месеци па и години. Си заминуваат додека се смеат со нас и не’ држат за рака, додека ни посакуваат најдобро и додека во нас го гледаат и понатаму сјајот на далечните ѕвезди. Некогаш луѓето стојат до нас и понатаму, ама повеќе не се тука. Понекогаш сме и ние тие кои заминуваат.
Можеш некој да сакаш бескрајно, со мани и доблести и покрај меѓусебните повреди. Можеш да сакаш толку многу, што немаш потреба да зборуваш за тие повреди, ниту да се караш и инает да тераш, немаш потреба ниту да заминеш, физички. Можеш да бидеш тука, можеш да бидеш пријател и на таа личност да му донесеш насмевка на лицето, но повеќе не ја пушташ блиску.
Луѓето помислуваат дека со некој си близок ако со таа личност многу разговараш, ако си раскажувате за своите денови, работи и очекувања, но блискост е нешто друго. Тоа е покажување на нашите меки, ранливи делови, нашето срце и нашите емоции.
Лично, знам дека некој ме губи кога повеќе не му зборувам како се чувствувам, кога тој дел од себе ќе го заклучам и повеќе не чувствувам ниту желба, ниту потреба да се отворам.
Дали се тоа стравови од повреда или сознанието дека тој однос го тргнав од претстолот на кој беше, па од таа личност емотивно се оддалечив? Не знам. Знам дека тоа е пат во неповрат. Проблем е што јас немам повеќе волја да се борам со тој некој. Проблем е што сум уморна и што ќе ме подлажат туѓите ветувања за нежност, туѓите желби за бакнежи и допири, туѓите нежни раце кои сакаат да ме гушнат и да ме упијат со устата, очите…духот и телото да упиваат се’ што сум и што носам во себе. Сите мои подеми и падови, демони и црвени рози.
Уморна сум што долго време бев мирно пристаниште, посакувајќи свој целосен мир. Повеќе не го предизвикувам да ме сака. Не поттикнувам. Не се расправам. Не се инаетам. Ќе се насмеам, ќе бакнам, па долго молчам. Го исклучувам телефонот, па ме нема со денови. Некаде сум, го живеам својот живот и не го барам него.
Заминувам…
А чувствувам колку му требам. Чувствувам дека му е страв. Чувствувам дека пука по шавови и дека таква не ме познава, не знае што со мене, така блиска а далечна. Можеш да стоиш покрај некој и тој некој може да биде најдоброто и најлошото нешто што ти се случило. Некој кој во тебе разбуди најубави и најлоши емоции. И љубов и лутина, и немоќ и немир. Во еден момент може да биде твој мир, во другиот најлоша бура. Се додека нешто не се скрши, додека не се решиш да тргнеш по нов пат.
Понекогаш се лутиме на самите себе што занемаривме некои работи. Ги скривме всушност од себе. Им замеруваме и нив што не не’сакаа така како што сакавме, како што ни беше потребно и себеси си занемаруваме што се трудевме толку и упорно се дававме, па повеќе срцето не ни дозволува да се даваме, ниту ронка.
Љубовта не умира кога нема допир, љубовта умира кога нема блискост, не негова, туку моја. Јас сум таа која ја дава. А сега стојам со затворени врати, со катанец за кој го изгубив клучот.
Љубовта не треба да се предизвикува, само треба да се чува, возврати или понекогаш поради пропуштеното и ненапаравено, цел живот да се жали.
Затоа, драги мажи, погледнете ја жената покрај себе, нејзините очи и во нив голема љубов. Само на секунда добро погледнете.
Немој да се случи, да ја прокоцкаш. Немој да ти стане странец.
Жената си оди и кога сака. Запомни.
by Рита
Leave a Reply