‘Од се’ што можеше да биде, на крајот ќе биде она што треба’- Иво Андриќ
Без оглед дали се почетоци или краеви. Дали е љубов или патувања, работа…секој има своја желба, посакување и своја борба тоа да го оствари по секоја цена.
Сите ние барем еднаш во нашиот живот имавме некоја луда идеја дека ќе ни успее да освоиме некоја личност и да ја убедиме дека е родена за нас. Горевме за таа желба, често горејќи се себе.
И така тој момент ќе дојде и ќе помине и ништо нема да се случи. И таа личност ич не не’ посакува. И некако тоа сето го пуштаме, оставаме зад себе и продолжуваме понатаму, заборавајќи ги лудите очекувања и фиксации за местото, времето и личноста.
И парадоксално, после некое време ќе дојде таа личност, ќе влезе повторно во твојот живот само за да сфатиш како ништо од тоа што посакуваше, всушност не сакаше и како си среќен што тоа не се оствари.
Само малку да се оддалечиш, сфаќаш дека се бориш со ветерници и некои луди фикс идеи и тоа те прави така несреќен. И никој и ништо не е вредно за непроспиените ноќи и црнилата околу очите.
Ниту на една личност која не гледа колку вредиш, нема потреба да трошиш време. И сфаќаш дека не треба да им робуваш, ја немаат повеќе таа моќ.
Се’ се случува кога за тоа сме подготвени. Да прифатиме и да согледаме реално и да не му даваме толку внимание. Луѓето трчаат по нас кога ќе сфатат дека сме им важни и кога повеќе не сме постојано тука за нив, туку тргнавме во спротивен смер. Ќе се сетат дека ‘овде беше некој’ кој ги сакаше, кој се грижеше, помагаше, некој кој за нив вредеше и беше посебен.
Ќе се сетат и забележат сите всушност. Но, само оние на кои им значиме ќе се погрижат да не одиме предалеку, таму каде што повеќе не можат да не’ сретнат.
Оние другите, оние кои ќе не’ пуштат, тие ни прават услуга и ни даваат простор да видиме колку уште неверојатни луѓе постојат насекаде, кои ќе бидат среќни што сме тука, токму како што ние ќе бидиме среќни што ги најдовме.
Не можеме да се споиме со она што не е наше, што не е дел од нашиот дух и што нема да дозволи да растеме и подобро да се разбереме себе.
Ја даваме својата љубов, своето внимание, својот труд и време на оние кои никогаш не не’ вреднуваат како што заслуживме, па наместо да им го свртиме грбот, ние се даваме уште повеќе. Се даваме упорно во големи дози, се додека не се потрошиме или додека не прогледаме.
А, животот е прекраток за залудни давања. За борби со ветерници. Животот секогаш ќе ни ја донесе личноста која е за нас, иако можеби сега патиштата ни се разделуваат.
Животот ќе ни даде она што е наше. Иако имаме наши идеи и планови. Животот ќе нареди се’ како што треба.
by Рита
Leave a Reply