Зошто да те чувам во срцето кога ме ‘стегаш’?

Може да биде убаво во Љубовта, а ако не знаеме да дозираме и пуштиме занесеноста да се претвори во опсесија со личноста или идејата на односот, може да стане наш пекол. Покрај сета Вселена на можности ние понекогаш не гледаме повеќе ништо освен едно лице, еден глас и потребата таа личност да биде тука, секогаш покрај нас.

Дури и кога тоа не е илузија, дури и кога тој однос е вистински, често се случува себеси да се дефинираат и да се гледаат само низ него. Одеднаш партнерите, сопружниците, родителите и Вселената се сведуваат на тие неколку улоги. Не гледаме повеќе светлина, бидејќи сме премногу фиксирани на се’ она што мислиме дека мора. Не уживаме во моментите, во таа наша личност, бидејќи мислиме дека за љубов има време, подоцна.

Можеме да веруваме дека припаѓаме на некој засекогаш. Можеме искрено да се надеваме, но нема гаранција. Никој не може да гарантира дека засекогаш ќе се сакаме и дека секогаш ќе се сакаме еден со друг.

Секојдневно ни се случува живот и не’ менува. Секој ден, секој избор, секој разговор кој го водевме и кој го премолчавме или го претворивме во монолог на никогаш не изговорена лутина и замерка. Сето тоа душата ја менува.

И некој, кој го сакавме и кој со години бил наш избор, утре може да престане да биде. Помеѓу ‘те сакам’ и ‘засекогаш’ живее секојдневието, па ‘те сакам’ станува навика но не и желба, а ‘засекогаш’ станува мит.

Во фиксацијата на идејата за идеален живот се губиме и себе и партнерството. И понатаму мислиме дека таа една личност е цел свет, но сега ја обвинуваме за пропуштено, ја обвинуваме за цел живот кој не го проживеавме и сите вкусови кои не ги испробавме. И тогаш ќе изгориме.

Многу мои пријателки, после раскинувањето не знаеја кои се. Толку долго беа нечии партнери што заборавија дека пред тие мажи имаа соништа, идеи и желби, дека сакаа музика и дружења. Се заборавија себе, бидејќи некогаш и некаде, тој некој им стана се’. И само неговата среќа им беше важна. Тоа секако им се случува и на мажите, на сите нас.

Но, не треба тоа да ни се случи во таа мера. Не да се изгубиме додека на некој му припаѓаме и повеќе да не се сеќаваме кои бевме пред тој однос и што сакавме и со кој предходно се дружевме.

Но, луѓето забораваат, посебно жените. Ги потиснуваат своите соништа и сите други односи. А потоа кога ќе излезат од тој однос, често многу ранети, збунети и изгубени, очекуваат некој кој со месеци и години го заборавиле, да ги теши. И веднаш да ја прифати улогата на ‘рамо за плачење’, додека се снајдат и повторно не застанат на нозе.

Но, на нозе секогаш треба да стоиме сами. И кога сме во однос и кога не сме. Треба да имаме свои интреси, свои пари, понекогаш и минута за себе. За чаша вино и добра книга, за кафенце, за половина час шетање на свеж воздух. И не за да им кратиме на својата љубов кон партнерот и децата, туку за да бидеме подобри за себе и нив. За да не се изгубиме ако на односот му дојде крајот.

Тоа не е себично, што и да мислат другите. Тоа е потреба. Тоа е императив. Бидејќи односите доаѓаат и проаѓаат, а себе само се имаме за цел живот.

Марија

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: