Се случи Љубов. Ама на погрешни луѓе

Понекогаш, ништо ни нема смисла. Понекогаш ни се чини дека иако бескрајно се трудиме, некоја семоќна грозна космичка сила работи против нас. Се обидуваме, се вложуваме, се трудиме да правиме се’ пополека и правилно, но сепак ќе се распадне се’ како кула од карти. Зошто?

И јас се прашував зошто некои работи се заплеткаа, па не се случи онака како што посакував. Се чинеше многу неправедно да дадеш се’ од себе, а да се разочараш. Така понекогаш ни изгледаат љубовните приказни кои немаат среќен крај, зарем не? Дури ни се чини дека се наши најголеми животни порази. Но, всушност тоа никогаш не се…

Пред неколку години бев вљубена во еден маркантен и згоден тип кој знаеше со жените и добро котираше меѓу нив, беше познат заводник и тивок копнеж речиси на секоја моја пријателка. Некои би рекле- вистински отров за жените. Иронијата на приказната е што мене долго време не ме интересираше тој профил на маж. Ми беше некако иритирачки злобен. Често правев гримаси кога тој зборуваше- надувенко и самобендисан.

Другите жени во моето опкружување му се умилкуваа, беа маѓепсани од него, а јас често се прашував што гледаат во него, освен што е згоден? Ни во најлудите соништа не ми паѓаше на памет дека некогаш ќе бидам со него.

Но, кога во една ситуација се сретнавме ‘еден на еден’ нешто се случи меѓу нас. Нешто што не се опишува со зборови. Беше некоја фатална хемија, речиси магична. Меѓу нас летаа искри. Беше тоа љубов на втор поглед.

И наеднаш тој беше се’ она што посакував од еден маж. Посветен, нежен, интересен, исклучително интелигентен, елоквентен, комуникативен. Од срце им посакувам на сите жени тоа да го почувствуваат.

Иако приказната не ни траеше долго, беше лесна како пердув, најубава, што ти го зема здивот.

Но, знам дека денес немаше да бидам она што сум во другите сегменти од животот ако останев со него. Иако уште тогаш верував во се’ што сега го живеам и остварувам со леснотија, тој не ги делеше моите соништа и аспирации. Нашите ставови за животот беа дијаметрално спротивни.

Тогаш ми беше многу тешко, но тоа го прифатив како едно животно искуство за кое тогаш не ја видов ниту ширината, ниту длабочината, како што обично се случува кога си во некој кошмар. Но, сега години подоцна, знам дека животот ги намести картите така како треба, бидејќи мојата иднина е овде со некои други луѓе, а не со него. Моите соништа ме чекаат. Се’ она за кое тој не беше подготвен да ме поддржи, го остварив сама. И така и направив.

Светот не застана поради него. Јас повторно се вљубив. Се надевам дека и тој има исполнет и среќен живот и дека ја живее својата љубов.

И токму поради тоа, на жените околу мене им зборувам да не жалат за ништо што не успеа или опстана. Не требаше. А времето ќе покаже зошто. Лично знам дека без било кој маж можам, но сама без себе не можам. Ако одам против себе, ќе се стопам и ќе бидам само своја сенка. Тоа за мене тогаш нема да биде живот вреден за живеење.

Жените се мачат со месеци и години со мислите за тоа како тој некој маж бил вистински за нив, па жалат, тагуваат и не можат да ја отпуштат идејата за ‘идеална љубов’. Но, тоа е само идеја. Додека бевте заедно или се обидувавте- беше вистинска, но ако не останевте заедно, тогаш престана да биде вистинска.

Ние често не можеме да насетиме зошто е нешто добро за нас, но после некое време сфаќаме дека треба токму така да биде, на таа приказна не и’ е судено да трае. Беше искуство преку кое ќе осознаеме некои работи.

Марија

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: