Не е болката поради тоа што го изгубив него, туку срам поради тоа што се изгубив себе

Велат, добро е да се исплаче човек од време навреме. И го подржувам тоа ‘чистење’ и не ме интересира кој што ќе каже.

И повторно се зафркнав. Мислев дека морам да плачам. Со недели се терав на солзи, гледав филмови 10/10 за плачење, правев работи за кои сигурно знаев дека ќе ме расплачат, бидејќи сум многу емотивна и не бегам од тоа. И ништо. Солза не пуштив.

Но, тежината во градите беше тука цело време и поради тоа мислев дека мора да исфрлам нешто од себе. Се зафркнав… Повторно. Таа тежина беше лутина која ја чувствував во себе. Бев бесна на себе бидејќи по кој знае кој пат се надевав, мислејќи дека тоа е тоа, дека овој пат ќе успее. И понатаму сум лута на себе, кога гледам сега од временска дистанца од три месеци, колку ме чинеше мојата верност и лојалниост. Ќе речам, мојата глупост.

Кога се врзувам, тоа е 154%, не гледам, трпам до крајни граници, прифаќам коментари, а прикриените навреди ги гледам како добронамерни совети. А, налетав токму на незгодна мина. Зошто? Бидејќи не научив доволно еднаш, најверојатно ми требаше повторување.

Ќе појаснам.

Пред некои два и кусур месеци мојата докторка ме праша дали знам која е разликата помеѓу самопочит и самодоверба. Одма лаички ‘треснав’ некој мој став, што нормално беше погрешен.

Самодовербата оди на страната на успехот и постигнувањата, а самопочитта е нешто со што се раѓаш и таков си, единствен и никогаш нема друг да биде како тебе.

Кога ми објасни што е тоа, сфатив дека зборот самопочит не се користи во подеднаква мера како зборот самодоверба. Се работи за потполно одвоени и различни работи. Цел живот мислев дека имам проблем со самодовербата, а всушност најголемиот проблем е нивото на мојата самопочит, која често знае да дојде до нула. Бидејќи, не го сметав за благосолов фактот дека сум родена, дека се изборив да дојдам на овој свет, дека го заслужувам сето она што по раѓање ми припаѓа? Зошто? Бидејќи не ме воспитуваа така. А ретко на Балканот, децата се чудо и вредат повеќе од било што без оглед на успесите и постигнувањата.

И токму поради тоа доаѓам до неодамна проживеаните лекции, кога со месеци ја трпев пасивната агресија мислејќи дека така мора да биде. Дека е тоа начинот на кој некој се грижи за мене, со ограничувања и насоки. Ме моделира да бидам зависна од него и неговото мислење.

За малку му успеа. Веќе бев депресивна, по кој знае кој пат, престанав да се зафаќам со работи кои ме прават весела, станав многу уморна, сива и исцрпена, константно во страв што ќе ми каже и како на нешто ќе реагира.

Ме прашуваа моите пријатели каде сум со месеци, а јас само всушност се криев за да не им ја кажам вистината.

Ми беше срам да кажам што трпам, во што се претворив, колку сум уморна и какви мисли секојдневно ми поминуваат низ главата. Ми беше срам да си признаам и себеси и на другите дека сум во еден многу нездрав однос. И тој срам е она што со недели подоцна ме притискаше да плачам и плитко да дишам. Мислев дека болката е поради тоа што го изгубив него, а всушност е срам поради тоа што се изгубив себе.

Доста е. Нема повторно да се случи оној, кој ќе ме држи во кафез, што ќе ми зборува колку сум неуспешна и дека нема ништо да постигнам, дека не смеам ова или она, дека тој знае најдобро.

Не знае, но јас знам. Научив и му благодарам на лецијата.

А.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: