Како стареам, повеќе се запознавам себеси, ги прифаќам сите свои мани и доблести а со тоа и другите луѓе, се’ помалку луѓето ги перципирам преку изглед, појава или стил, а се повеќе преку нивната енергија. И на крајот се’ се сведува на тоа дали ми одговараат или не?
Чувствувам дали ќе ‘кликнеме’, дали се резонираме или не сме исти светови? Чувствувам дали во мене постојат здрави темели преку кои ќе изградиме мостови или ‘нешто’ во мене реагира на ‘нешто’ во нив, бидејќи делиме некое деструктивно уверување. А тоа уверување креира енергетска нишка. Онаа на која секогаш се сопнуваме, се додека не го освестиме уверувањето. Така се создава нешиот фамозен ‘vibe’.
Се почесто во комуникацијата се прашувам што е тоа во мене па тоа ‘нешто’ ми смета? И всушност се’ поретко нешто ќе ме ‘трефне’ во другите луѓе. Научив да почувствувам, да ја забележам, ама не и да се изгубам во туѓата енергија.
Уште има моменти кога ќе ме повлече, но тоа е затоа што е време да пуштам некои работи, бескорисни правила. И не се лутам повеќе на такви мои денови, бидејќи сфаќам дека се дел од патот. Од исти причини со некои луѓе не резонирам или резонирам дури сега, бидејќи како се ослободувам од уверувањата и обрасците, така мојот енергетски потпис се менува.
Затоа, можам да кажам дека не ме интересира кој како изгледа. Забележувам бескрајни расправи по социјалните мрежи како некој е дебел, слаб, што носи и други глупости. Забележувам дека на тоа не реагирам, бидејќи во мене нема повеќе такви фрустрации. Нема такви програми на помала вредност и бесконечни споредувања. Или оние критичните слоеви се освестени и опуштени.
Луѓето коментираат, влегуваат во расправи не дека сакаат некој да нападнат или одбранат некоја личност, туку се правдаат себе на Себеси. Не на вас, не на мене. Себеси. Кога тоа ќе поченете да го прифаќате, ќе видите колку тие силни споредби се бесмислени. Секој за себе е во право во својата Вселена, бидејќи упорно ќе бара потврда за тоа, за да на крајот себеси си го оправда својот став.
Луѓето всушност многу зборуваат за себе без да кажат ниту збор. Дури и ако не сте толку фокусирани на енергијата, на нивната вибрација, тие сами ќе ви покажат каде се сами со себе. Фразите кои ги повторуваат, начинот на кој седат, одат, се изразуваат или облекуваат. Начинот на кој зборуваат со другите луѓе.
Луѓето не се свесни дека се’ што прават носи нивен енергетски впечаток. Потпис. Статусите и коментарите на социјалните мрежи. Сликите кои ќе ги објават. Пораки на кои не одговораат, туку го оставаат оној омразен ‘seen’. Се’ тоа зборува. Seen обично многу зборува. Дека не се зрели, не знаат да комуницираат, се обидуваат да се направат поважни од она што се, дека имаат ‘буби’ во својата глава кои не сакаат да ги решат и не знаат како или се несвесни, дека од нешто бегаат.. Всушност од себе, но тоа е друга приказна.
И јас имам свои ‘бубачки’, па низ животот се обидувам да ги детектирам, па ги решавам и ќе ги решавам додека сум жива, бидејќи сите цел живот само со себе имаме работа. Но, исто така научив да забележам. Научив да ги почувстувам луѓето.
И најважно- да ги разберам. Ја разбирам потребата да се направт важни, да се дотеруваат, да се правдаат, да се покажат во некое подобро светло. Никој не е лишен од тоа, но кога ќе освестиш дека имаш некои ‘буби’ во главата, кога ќе ја освестиш силата на егото, тогаш почнуваш поинаку да ги доживуваш и тој престанува да биде непријател.
Его сите имаме, но не се справуваме сите на ист начин. Некои ќе ги зароби и пороби, а некои ќе го направат свој сојузник. Најголем израз на љубов по мене е разбирање. Го сметам тоа за најубавиот дел на човечката емпатија во нас. Да сочувствуваш и да разбираш не е исто што и да поддржуваш, но кога тоа ќе го почувствуваш и кога тоа го можеш, дури и кон луѓето кои имаат дијаметрално спротивни ставови и однесувања од твоите, тогаш си на прекрасно место сам со себе. А тоа е смислата.
Што твојата вибрација зборува за тебе? Каква порака му праќаш на светот и најважно каква порака си праќаш себеси? Дали себеси се разбираш, дали себеси се прифаќаш? Погледни што даваш во светот, како ги третираш луѓето околу себе, возвраќаш ли љубов со љубов или оставаш само ‘seen’.
Е да..сликата која сакаме за себе да ја создадеме често не е онаа која ја оставаме зарем не? Но, во ред е, сите сме на тој пат, јас те разбирам.
Марија
Leave a Reply