Не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот

“ За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе, јас и самиот не судам за себеси, зашто во ништо не се чувствувам виновен, но со тоа не се оправдувам, судија ми е Господ. Затоа, пак, не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата, и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога .“ (1 Коринтјани 4, 3-5)

За мене сосема малку значи што мислите вие за мене. Ако речете дека сум зол, ќе го прифатам тоа без недоумица поради честата појава да сакам да направам нешто добро, да се обидувам да го сторам тоа, но крајот да евидентира сосема спротивен аутпут. Ако речете дека сум добар, нема да го негирам и тоа, иако скептичи охрабрен ќе се обидувам да се доискажам во таа насока.

За мене сосема малку значи што мислат другите луѓе за мене. Ако речат дека сум никаквец, ќе го прифатам тоа забележувајќи дека и не сум толку голем земајќи го предвид рангот на скала од еден до сто. Ако речат дека сум совршен, сомничаво ќе ја разгледувам наградата од сите страни барајќи пукнатини кои ќе ја обезличат славата.

Јас и самиот не судам за себеси. Всушност доблест е да го правиш тоа, а и по малку лудост, посебно ако се зафатиш со засукани ракави и потполна жар да проникнеш во длабочините во некого. Велам доблест со оглед на немерливата мудрост која треба да сѐ поседува за да се извага душата во грамови, мекоста да се прости додека се чешлаат лошите дела и строгоста да се потцрта негодното кое ќе придонесе многу за пресудата во крајниот ден. Но, и по малку лудост, ако се прифати тоа колку тешко ми оди примената на само десет заповеди кои се благ јарем како цена за слободата.

Со ништо не се оправдувам, судија ми е Господ. Полна ми е тетратката со погрешни наоди, некои страници се искинати, веројатно оние на кои ниту хартијата ме претрпела, и малку редови се читливо напишани со букви кои сјаат поради содржината која ја преставуваат. Накратко, подготвен сум за Судијата, не со некоја позитивна убеденост за правната одлука која ќе ме алоцира кон рајот или безнадежноста, колку повеќе со скриена нетрпеливост да заврши мојата голгота полна со непристојност по патот распослан со трње, рози и кал.

Не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ. Едвај ја чекам панорамата со Неговото слегување по облаците и величието кое ќе ја прегази световната ништовност, знакот на труби од кои ќе се урнат земјените владетели и ордите ангели кои ќе ги подбуцнуваат демоните мачители. Се ќе биде толку светло во денот без краен залез, што темнината ќе остане минато во најлошите кошмари.

И тогаш Господ ќе ги изнесе на видело тајните на мракот. Моите најскриени сомнежи ќе станат реалност и конечно ќе го признаам сопствениот пораз во борбата за непропадливиот венец. Се плашам дека тоа сознание задоцнило во неговите напори да претставува спас за мојата душа.

И тогаш Господ ќе ги објави намерите на срцата. Во дното на моето стои една малечка, скоро невидлива одлучност да се истрае и покрај сите чекори на работ на бездната, како небесниот дом да ми е нешто сепак претскажано. Се надевам дека таа надеж нема да задоцни во нејзините напори да се земе како олеснителна околност во оценување на мојот сеживотен тест. 

И тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога. Онаа која ќе биде за мене, ако ја има, ќе биде скромен гест за еден долгорочен губитник кој не престанал да се надева на победоносниот погодок до крајот на играта. Иако не би била некоја поплава, сепак ќе биде доволна да се отворат сите пори за радоста која надоаѓа, ќе се восприема и нема да престанува.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading