Немам намера да ги бранам мажите, но ми се чини дека она комплицираното во машко- женските односи воглавно тргнува од нас, жените. И нашите ненамерни потреби тие да ни ги читаат мислите, кои неретко ниту самите себеси не умееме да си ги прочитаме. Нивниот мозок сосем сигурно има иста конфигурација, но за жал не функцинира исто. И тука работите се кристално јасни.
Нивните и нашите очекувања од врската, бракот се различни. Ние секогаш сакаме уште и уште и уште, очекувајќи тие непогрешливо, во точно определен момент, да реагираат онака како што замисливме.
Ние сакаме мажот да биде нежен и груб, папучар и битанга, елоквентен и молчелив, филозоф и практичен, конфликтен и пацифист, јунак од љубовните романи кој доаѓа под пенџере и пее во полноќ и јунак од акциони филмови, сиот во крв со силни мускули и средновековен витез на коњ кој се бори за честа на својата љубена.
Сешто ние сакаме. Најмногу без грешка да погодат што во одредени моменти сакаме од нив.
На пример, додека тој е на работа и заварува некои цевки, единствено размислувајќи за топол ручек кога ќе стигне дома и дремката после ручекот, жената од сабајле превртува милион сценарија во својата глава, го менува своето расположение барем три пати, негде ќе прочита љубовна бајка на некој познат пар, ќе ја ислуша својата другарка на која сопругот и’ го подари омилениот парфем, ќе ја слушне песната која ќе ја потсети на некои бивши љубови…и емотивно се’ ќе избуричка.
И таква го очекува мажот од работа, кој на врата, онака во работничка облека, треба да открие што жената сака и како се чувствува. Таа можеби си замисли дека тој ќе ја бакне или ќе ја гушне кога ќе влезе дома, дека можеби се сети да купи нешто благо кога доаѓа накај дома или можеби оној фустан кој пред една недела го видоа заедно во една продавница или да и’ подари ружа и да и’ каже колку е убава.
Колку пати со шифра се обидовте нешто да му соопштите, а тие воопшто не ве сфатија?
И кога конечно ќе сфатат, почнува театарот својствен само на жените, приказна која трае со часови, со багата мимика и гестикулација. Тогаш, како што си знаеме ние жените, почнува предавањето на тема машко-женски односи, за тоа каков е тој, како мора да се менува, копаме по минатото некои негови пропусти, го величаме својот допринос во бракот, врската, идеализираме, се обидуваме да му разложиме до ситници каде греши… И тоа обично ќе ја вшмука цела енергија. Тие најчесто ќе климнат со главата, ќе им дувне промаја низ уши, ќе излезат или ќе си легнат да спијат.
Зошто? Затоа што нивниот мозок не ги капира работите така. Тој функционира по поедноставен принцип, без многу драми, приказни и шифри. Кај нив е црното црно, белото бело, без нијанси. Што е поедноставно објаснето, тоа подобро.
Ние не ги перципираме работите на ист начин. Она што женското око го гледа, тешко машкото некогаш ќе го забележи. И затоа, не треба да драмиме кога нема да го избришат трагот од пастата за заби, бидејќи тие нема ниту да забележат.
Понекогаш помислувам дека сета мака доаѓа затоа што никако да сфатиме дека единствено што тие сакаат е однос без многу драми, трзавици, попување, сакаат храна, секс и многу прецизно и многу конкретно, недвосмислено соопштување на она што е очекување од нив.
Изми ги садовите, оди по детето, однеси ме на ручек, ми се оди во кино, смени ја пелената, крени го капакот, купи му на мајка ти ружа. Така, кратко и јасно. Без вртење и барање тие САМИ да сфатат што треба да направат.
Создадени сме од исто: крв, месо, коски, но кај нас и кај нив се’ е различно закопчано. Можеби тоа така треба да биде, сигурно дека треба, поради пополнувањето на дупки и надополнувања. Но, за да биде вклопувањето успешно, жените треба да ја повлечат рачната кочница – ради себе, да поразговараат најпрво со себе, за своите желби, за своите очекувања од партнерот, од себе во врската и бракот, да ги намалат анализите, споредувањата со другите парови и склоноста кон идеализацијата. И конечно, да им дадат време да го завршат својот дел од работата.
Со нив може едноставно, само треба да се научи.
Јована
Leave a Reply