Царството Божјо не е во зборови, туку во сила


“ Некои се возгордееја, како да не ќе дојдам при вас; но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака
Господ, и ќе ги познаам не зборовите, туку силата на оние, што се возгордеале, зашто царството
Божјо не е во зборови, туку во сила. Што сакате? Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и
кроток дух? “ (1 Коринтјани 4, 18-21)

Да можеше Апостоле сега да дојдеш многу би се засрамил од жителиве на земјава, посебно
од нас возгордеаните. Ти и твоите сослужници ни ги оставивте Книгата и Веста и ние со радо срце
ги прочитавме и дознавме за Словото. Тоа беше почетокот на нашите страданија, но не оние
пропишани од Книгата и за кои вредеше најдлабоко да се плаче, туку напротив тоа беа силните
болести на кои бевме предупредувани додека газиме по трновиот пат. Тоа беа демонските
дошепнувања, сарказми и пофалби, фатаморгани и гмечења. Тие ни ја подгреваа гордоста
убедувајќи нѐ дека ние сме вистинските следбеници на… , не сакаа и не можеа да му го споменат
Името. Ни покажаа и докажаа, а ние поверувавме дека без крв и пот, само со научно библиографска дејност, без ден практична борба, ќе станеме наследници на Царството. Нашата занес продолжи со бунилото дека другите се далеку под нашите нозе, ги израмнивме со кучињата кои ќе останат надвор од Небесните порти, ги исмевавме и сожалувавме и се чудевме на нивната кутра непросветеност.

Да можеше Апостоле сега да дојдеш, ќе ги познаеше нашите зборови. Тие се лажни,
самопофалнички, самобендисани, самоурнисани. Градиме со нив кули на песок кои не опстојуваат
дури ни после здивот на пролетно ветре, ѕидаме градови полни со гробишта и тврдини кои ги
чуваат безживотни стражари. Јавно разгласуваме дека ги познаваме заповедите, прогласуваме дека
одвојуваме од нашиот профит за сиромашните, соопштуваме дека ќе бидеме во првите редови во
црквата за да набљудуваме, озборуваме, осудуваме. Кога нѐ стишуваат ние сме уште погласни иако
свесни дека тенорот никогаш не ја надвикал кротката мелодија на харфите.

Да можеше Апостоле сега да дојдеш, ќе ја познаеше нашата сила. Таа всушност е слабост
дефинирана како обид да си прости за сопствената немоќ. Често не може да се пробуди среде во
ноќта и да вресне против силните страсти кои нѐ прегоруваат. Ниту да бдее во текот на денот
додека сатанските пци се обидуваат да ни го гризнат голото месо околу коските. Посакува, но без
поголем успех, да го освои венецот, макар и да се прободе на трњата кои наѕираат помеѓу лисјата
поставени да опоменат за големите напори при тоа. Таа всушност е слабост која милува да се
нарекува сила само како морална поддршка на битието кое копнее да стори нешто големо за своето спасение.

Да можеше Апостоле сега да дојдеш со стап при нас. Да удираш по нашата незаузданост и
страсност, по нашите неблагодарни нозе кои посакуваат да одат по широкиот пат, по нашите
незадоволни усни кои наместо благослов ги научиле сите клетви наизуст, по нашите неисполнети.

Да можеше Апостоле сега да дојдеш со љубов и кроток дух. Да ги победиш нашите бесови и
смириш срцава кои прерипнуваат во аритмија, незапирливи во нивните нагони да се
самозадоволуваат. Уште еднаш да ни раскажеш за царството Божје и неговата избледеност во
зборови и сјај во сила. И уште еднаш да ме замолкнеш за да се приберам во тишината и го изберам
твојот пат кој не води поинаку освен кај изворот со жива вода.

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: