Сега јас ќе почнам да живеам, само тој проклет телефон да заѕвони

Уште еден ден во низа, а ти си и понатаму во својата соба, опкружена со најдрагите пријатели, со своите плишани мечиња кои тој ти ги подари (само кога беше добра волја). Уште една лоша ноќ е пред тебе, ноќ кога ќе ја гледаш вистината во очи, а потоа пред утрото нема да ја гледаш повеќе, бидејќи повторно ќе ги ставиш тие розеви наочари на себе. Уште една ноќ во која ќе плачеш и ќе врескаш и ќе се преколнуваш себеси и него… и ова лудо срце кое чука за една будала.

Велат, утрото ја носи вистината, утрото го носи решението за претходните двоумења. Секое утро не’ потсеќа на она што треба да направиме, бара од нас да се свртиме на она што не правиме добро, за да напредуваме. Зошто тогаш наутро повторно си мрзлива, мамурна од ‘љубов’, нервозна и истрошена? Зошто не се веселиш на новиот ден, туку помислуваш како и денес е безврска ден во низа…И чекаш да се случат некои невозможни работи, чекаш да видиш нешто онаму зад планината, она што сите го гледаат, а ти пропушташ.

Повторно денес ќе се нашминкаш, за себеси да си бидеш најубава. Вистина е дека сакаш да се сокриеш себеси, своето плачење, својата лоша судбина, секоја проклета вечер. И повторно ќе се напиеш чаша вино, две, три и ќе почнеш со пцовки и воздишки, за да можеш од утре да почнеш нов живот и навистина да уживаш.

Дали всушност чекаш повторно да заѕвони телефонот, да го слушнеш тој проклето длабок глас, за да бидеш среќна, за повторно да те увери дека си токму таа што него му треба во животот, но ете малер, тој повторно мора да замине на пат, бидејќи животот и обврските не можат да чекаат?

Зошто, по ѓаволите, живееш за тој еден повик и за неговите недоволно добри зборови, кои ќе ги каже преку устата само да те држи во игра? Знаеш ли, за него си само рандом број , како и оние другите кои ги залажува..Знаеш ли, него го забавува играта, бидејќи тоа е единствено што го знае. Знаеш ли, додека ти плачеш, тој некаде лудо се забавува. Тој се смее искрено и од срце, тој го живее животот како што сака тој, со полни гради. Додека ти дишеш на пола. Всушност, се’ што правиш- правиш бидејќи се плашиш од промени.

Живеј сега девојко, фрли го тој телефон. Исклучи ги гласовите во својата глава, исклучи ги емоциите кои ги негуваш за џабе. Погледни низ прозорецот, сонцето излегува секој ден како ништо да не се случува. Гледаш ли како луѓето се забавуваат, смеат, разговараат со минувачите, го делат животот преку насмевки. Живеј повеќе, сакај повеќе, но себеси најмногу. Нека не те ограничува таа една слушалка, тој проклет телефон и неговото ѕвонење или мелодија. Создај некоја нова мелодија, девојко, онаа ведрата..без оптеретувања и чекања.

Бидејќи животот не чека никој.

Ивана

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: