Ти немаш право на мене

Кога некој го храниш со илузии, па во некој момент ќе го турнеш преку работ, до ниво таа личност да те замрази и избриши за сите времиња, немаш право на изговори. Уште помалку имаш право на втора, трета…прилика.

Од другата страна на љубовта, велат не е омраза, туку рамнодушноста. И тоа е вистина. Кога ќе поминат сите оние фази кои личноста ќе ја снајдат после раскинувањето или разочарувањето, се случува рамнодушност. Исто е со пријателствата кои тоа повеќе не се. Или тоа никогаш не ни биле? Не знам, но така испаѓа кога ќе повлечеме црта.

Знам дека се’ некако се врти од почеток. Како да се случува ресет на умот, срцето, духот и Вселената во која живееш. И ќе се случи, како што мене ми се случи, само едно утро да се разбудам и се’ да биде празно. Бел лист хартија. Нема горчина, нема надеж, нема копнеж, нема превирања, нема ништо. Постојат спомени, но немаат боја и вкус. Не предизвикуваат болка. Не предизвикуваат ниту насмевка. Стануваат само сликички на калеидоскопот на сеќавањата.

Стануваш, со боси стопала го допираш ладниот под и животот ти струи низ телото, а ти одиш во некој сосем нов ден. Некои нови луѓе живеат во твоите мисли, на листата на повици, меѓу свежи неотворени пораки. Вклучуваш некои нови животни бои и се чувствуваш некако слободно.

Одразот ти е ист, телото исто, складни облини, големи крупни очи полни со детска љубопитност, врцкава насмевка на усните. Иста си, но повеќе не си. Само очите ти се поведри, телото одморно а душата полесна за теретот на односот кои го влечкаше на својот грб, а не беше твој.

Не се грижиш повеќе каде е тој некој и како живее, кого го љуби, за кој тагува, што му се случува. Доаѓаш до ниво на кое можеш да поминеш покрај тие личности мртва ладна, без да трепнеш и без да те допре што те повикува.

Луѓето ја имаат таа грозна точка во внатрешноста на своето самољубење, онаа во која мислат дека се’ се врти околу нив и поради нив се случува. Многумина се’ сфаќаат лично, како да им објави војна, само затоа што продолжи по својот пат без нив.

Те бараат, те колнат, се лутат, ја префрлаат топката на одговорноста кон тебе, а се’ некако со цел да те задржат во својот свет, барем на некој начин. И тоа е помалку смешно, дури и тажно, кога ќе сфатиш до каде се луѓето подготвени да одат кога ќе сфатат дека ќе изгубат нешто што до вчера им било важно. Поточно некој. Да, да имаш. Да поседуваш.

И тоа е она тажно, она поради кое не се враќам во тие заплеткани приказни кои одлучив да ги завршам. Се уверив многу пати дека во нив нема искрено каење, само потреба за освојување на нешто пропуштено. Станува тоа трка со времето. Битка за освојување со времето. Битка за освојување на неосвоивото. А секој нов обид доведува до ново разочарување.

Постои тоа нешто расипано длабоко во луѓето да не ти даваат мир кога ќе сфатат дека ги нема во твојот живот. Ќе се навредат што твојот живот оди понатаму, без нив. Како да направи некое големо зло што само продолжи да живееш. Што не е крај на светот. Што твојата Вселена не се сруши како кула од карти, во моментот кога сфати дека колку и’ да се трудиш, што и да направиш, колку искрено и да сакаш, за него си неважана.

Сето тоа го доживеавме, да бидеме мали и неважни покрај луѓе кои ги обожаваме. И заклучивме дека заслужуваме многу повеќе и многу подобро, па само во тишина си заминавме по најкраткиот пат од животот и луѓето.

Кармата е кучка велат. И многу праведна ќе додадам. Праведно е животот да ти го земе она што не го цениш, што го туркаш во некое ќоше да собира прашина, што е секогаш на листата на чекање- за некогаш подоцна.

И можеби за многумина таа кучка карма е спора во своето делење на правда, но мене ми се чини дека е добар играч на покер, секогаш добро ќе ги подели картите и ќе го натокми моментот.

Односите се некои необјавени книги. Понекоја ќе има своја убавина дури кога ќе почувствуваш дека завршила.

Марија

Leave a Reply

Up ↑

%d