Зошто порадо не трпите неправда, зошто порадо не ја претрпите штетата?

“ Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата? “ (1 Коринтјани 6, 7 )

Тужба е дејство со кое се покренува судската постапка во судот. Судот е институција која ги разгледува и решава граѓанските и кривичните спорови. Спор е спротивставување на различни мислења. Мислење е имање став, убедување за нешто. Сопственото мислење има секогаш приоритет во себеси и мора да победува во конфликт со останатите со цел да ги обезбеди сопствените привилегии. Доколку некој настапи, посебно ако лично го предизвика нашето мислење, со против аргументи и различно верување, па макар и тоа било поинакво само во некоја буква, тогаш започнува судирот. Ако судирите не се обични несогласици, а мнозинството се всушност необични и неограничени за докажување, и нивниот исход не се забележува ниту после неколку светлосни години, тогаш следи тужба со која се покренува судска постапка во судот. Судот е институција која го разгледува судирот и решава која од страните е во право и на која мислењето ќе ѝ биде уважено. Онаа страна која ќе биде прогласена за неправедна ќе добие указ дека имала погрешно мислење и ќе претрпи определени финансиски издатоци кои ќе предизвикаат и физичка болка во пределот кај срцето. Другата, по логика на случувањата би требало да се чувствува како победник со потврда дека имала правилни убедувања, поткрепени со трансфер на средства на нејзината сметка како сатисфакција за претрпената навреда и сомневање на и во нејзините ставови.

Многу срамно е веќе тоа и за нас дека имаме тужби помеѓу себе. Нели требаше да бидеме полни со љубов и постапуваме со ближниот свој како со себеси. Но, тој со големо вознесување вели дека сивото е црно, додека јас сум сигурен дека е бело. Тој мисли дека парчето Господова земја под неговите нозе му припаѓа нему, додека јас сакам да му го одземам бидејќи е поголемо од она мапирано на мое име. Тој ја навредува мојата големкост со банални белешки кои секако погрешно ме декларираат, додека јас му возвраќам на неговата личност со изјави кои го деградираат и кои секако ги заслужува. Тој ќе ги поднесе неговите аргументи во пишана форма, во не дај Боже помалку страници од еден просечен роман, до институцијата суд, додека јас ќе ги приложам моите докази во пишана форма, исто така обемно, злобно, но стручно украсено, до истата институција, во фиока подолу. Тој, па јас, јас, па тој, ќе си изнаречеме написмено сѐ што ни лежи во срцава.

Зошто порадо не трпите неправда? Прекрасно е чувството да ја проголтате навредата. Но, не да ви остане како кнедла во грлото, заглавена ниту удолу, ниту угоре, туку онака да се лизне, со сласт како капки студена вода после поминати часови на врел пустински песок. За да се случи тоа, треба претходно да се случат две работи. Прво, да прифатите дека навредата е праведна, дека ја заслужувате во целост бидејќи често одразот во огледалото низ призмата на сопствените очи најчесто е пристрасен. И второ, доколку таа не е праведна, да се сетите на Христовата голгота низ која Најневиниот мораше да го претрпи она што дури ни колачите не му го прават на жртвеното јагне. 

Зошто порадо не ја претрпите штетата? Прекрасно е чувството да се игнорира штетата. Но, не да остане како рана на срцето која пече на секоја помисла на загубените вредности, туку онака со најискрена насмевка да се испрати во заборав. За да се случи тоа, треба претходно да се случат две работи. Прво, да се прифати дека загубата е праведна, дека ја заслужувате во целост бидејќи никој не се родил со полна банкарска сметка и секој ќе си замине од овој свет наполно гол, како и првиот ден надвор од утробата. И второ, доколку таа не е праведна, да се сетите дека единствено вредно за кое би можело да се жали е загубата на сопствената душа.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading