Во последнава година -две, најзначајно е времето кое си го посветив сама на себе. Се случи непланирано, некако незабележано влегов во ново поглавје од својот живот, кое со себе донесе значајни промени во мојот поглед на чудото наречено живот.
Секој кој ме познава, знае дека во мојот случај беше потполно неочекувано, иако за мене драги луѓе долго време чекаа на мојата преобразба.
Скептик сум и циник, по малку. Не читав никакви книги за просветлување, ниту посетував некакви работилници во кои се учи како да се биде среќен и задоволен, како што е тоа денес модерно, туку сама се занимавав со мојата духовна состојба на старомодни начини. Барав помош таму каде што е местото, на долго со себе вежбав да ги надминам некои тегоби и стресови, се борев со секакви демони и ѕверови, но една работа никако не успеав да ја совладам а тоа е простувањето.
Ни себе си, ни на другите. Процесот на простување, е најмачниот дел од сите емоции, кои во животот ги поминав, а НЕ простувањето е тешка, лоша болест која те јаде одвнатре и не е тивок убиец, туку ѕвер кој се’ руши пред себе.
Ако успееш со неа да владееш, да го победиш егото, гордоста, суетата, повреденоста, ако успееш да сфатиш, дека простувањето е најважното што можеш да го направиш за својата душа и здравје, тогаш нема да биде важно кој ти направил лошо, бидејќи не му простуваш нему заради него, туку заради себе. На сите кои го поминуваат овој процес, најтешко е да им се објасни она, што ќе ги ослободи од тие тегоби.
Простувањето не значи, дека некој лесно се извлекол и дека не е виновен. Се простува за себе, не поради тој што те повредил. Тоа е најтешко да се сфати. Бидејќи простувањето кај некои често ‘ѕвони’, како оправдување и аболиција на онај кој зло ни направил.
Меѓутоа, простувањето е чин на ставање точка, на она што не’ боли, но, со тој чин не се ослободуваме од негативното чувство врзано за оној кој или што нас не’ повредил.
Себе си често си го поставував прашањето: ‘Како да се прости на некој кој воопшто не се кае? Но, простувањето е процес, во кој пред се созреваме ние и се издигнуваме над ситуацијата која ни нанесе болка. Затоа простувањето е доблест за нас самите.
Простувањето не значи, дека ќе го избришиме минатото или ќе заборавиме на она што се случило. Тоа дури не значи, дека другата личност ќе го смени своето однесување- тоа е нешто надвор од нашата моќ и тоа не можеме да го контролираме.
Тоа единствено значи дека ќе се ослободуваме од бесот и болката и ќе се свртиме кон нешто подобро. Не е секогаш лесно, напротив. Но, може да не’ научи. Бидејќи ако се држиме за болката, повторно ја преживуваме одредената ситуација и со тоа, повторно ја оживуваме старата рана и нема место за простување.
Простувањето на другите, е една од најдобрите работи која можете за себе да ја направите, не е доволно еднаш да се нагласи. Не е лесно, ќе треба многу време, но на крајот ќе ви биде убаво, дека сте успеале. Дозволете си ги себе си сите чувства кои ги имате, бидејќи и вие сте само човек, имате право на бес и лутина, тага и разочарување, повреденост и болка, дајте си време да зацелите, но дајте си и шанса од се’ да се ослободите.
Долг е патот пред вас, не ви треба додатен кофер на беспотребен терет. Послушајте го тој крик во себе и дозволете мирот, да влезе во вашиот живот. На крајот, простете и сфатете дека со тоа си овозможивте себе си да тргнете понатаму. Победете се себе си и бидете појаки од се’. Станете сами свој успех.
Лола
Leave a Reply