Мора прво да се сакаш себеси. Луѓето денес се премногу себични. Кон околината. Кон пријателите. Кон семејството. Земаме само за себе, не гледајќи како тоа влијае на другите. Време, енергија, ресурси. Им даваш на луѓето онолку колку што тебе ти е пријатно. Нема повеќе големи гестови. Се’ помалку има голема љубов и вистински пријателства.
А јас како бескраен романтик не умеам и не сакам така да егзистирам. Јас и понатаму им зборувам ‘Те сакам’, на мала група на луѓе кои навистина ги сакам. Се трудам и понатаму да бидам добар другар, на оние кои имаат трпение да останат во мојот круг на пријатели.
Мојата дефиниција за Љубов е неразбирлива за ова време- невреме. И зошто сиот свет се чуди што принцот Хари, му рече збогум на Кралството и замина со својата жена. Тоа е најверојатно, најнормалната работа на светот. Но, во време, кога едни за други правиме толку малку, тоа е скандалозно. Тој не го напушти Кралството, ниту направи скандал, но во светот на изместени вредности, нормално би било да ја напушти жената која му роди дете, отколку Кралството, бидејќи кој напушта Кралство?
Некако ми е смачено што се’ мериме со пари. Што големите гестови се еднакви со бројот на нулите во новчаниците. Можеби денес, на многумина им се чини дека е лесно да се купи. Љубов, пријателство и комфор. Лесно е да се купи 5 минути среќа кои ќе ти донесат нови чевли.
Всушност, ич не е лесно, но можно е. Постојат земји во кои лесно можеш да заработиш пари. Но, постојат светови во кои ништо не се мери со пари. Тоа е оној свет во моето срце и во срцето на другите ‘болни’ како мене. Ајде, купи чувства….ама не можеш. Не е поентата во тоа што бараш, па добиваш. Голем гест е кога нешто ќе добиеш, а срцето ќе ти се стопи, а не си побарал.
Голем гест е да се излезе од својата зона на комфорот, за да направиш нешто за некој кој ти е драг. Не можеш само себе да се гледаш. Не можеш да егзистираш со другите и да се грижиш само за себе. Не можеш со своите гестови да ги повредуваш луѓето, бидејќи тоа не е љубов. Не е ниту другарство.
Кога твоите потреби се поважни од потребите на сите други со кои си опкружен, тоа значи дека околу тебе се погрешни луѓе. Кога немаш потреба да направиш некој среќен, тоа значи дека не ти е доволно важен.
И принцот Хари не е никаков принц од бајките. Тој е само еден обичен човек, кој ја сака својата жена. Жените денес се запросуваат со скап прстен, а не со убав гест. Љубов е кога поради некој ќе посакаш да се потрудиш.
Пријателство е кога нешто ќе премолчиш, а нешто и ќе кажеш. Кога ќе кажеш- ‘извини, не можам сега, се слушаме подоцна’. Пријателство е кога знаеш дека можеш на некој да сметаш. Без оглед на се’.
За сите други односи, празни, површни, недоволни и ладни, немам време. Немам време да им објаснувам на пријателите како да бидат пријатели, ниту да им кажувам на луѓето како се сака.
Не се согласувајте со половично и млако. Да се сакаш себе си, значи да имаш свои луѓе кои те сакаат, а тебе тоа ти е доволно. Немој да бараш. Немој да објаснуваш. Не се троши. Не молчи. Не голтај некој работи. Не ги гуши своите чувства. Не плачи. Не биди со луѓето кои те прават тажна. Биди со луѓето кои прават да се чувствуваш подобро. Да веруваш дека можеш подобро. Дека си подобра. И себе си и ним.
Јелена Деспот
Leave a Reply