Ги набљудувам луѓето кои упорно бараат некој. Одат како ‘луди’ од однос во однос, излегуваат без филтери и глупава идеја дека меѓу толку луѓе ќе најдат некој. И да, ќе го најдат, но дали е тоа вистинскиот? Можеби, но се случува ретко. Повеќе ќе се случи уште едно разочарување, па уште едно, па уште едно.. Зошто?
Затоа што не сте подготвени. Вие не сте таа ‘вистинска личност’. Не сте толку во мир сами со себе, толку задоволни со себе, доволни на самите себе.
И не, тоа не значи повеќе да не посакате љубов, тоа значи да се биде во мир со фактот дека сте моментално соло и дека ќе го отворите срцето во новиот однос кога ќе дојде време. А ако не дојде, не е крај на светот, бидејќи вие се имате себе и полни раце работа со својот живот. Да се има сон, амбиција, хоби, работа која ја сакате или кон која одите. Имате семејство и пријатели на кои сте посветени и со кои квалитетно го поминувате времето. Вие имате свој свет и вие сте свој свет.
Како такви, немате потреба како ‘луди’ да барате некој.
Остварените луѓе зрачат поинаку, со нив е пријатно да се биде, тие се насмеани, тие се некако во Зен. Не брзаат никаде, посебно не на дејт или во врска. Нив им е сосем ОК со некој да поразговараат, да заклучат дека тоа не е тоа и да останат со таа личност во добри односи, онака френдовски без да им е крај на светот и без да бидат депресивни. Тие знаат дека ништо апсолутно не изгубија, но можеби стекнаа нов пријател.
Енергијата е таму каде што е фокусот. Ако ви е фокусот на позитивни аспекти на вашиот живот, ако се’ повеќе и повеќе време поминувате фокусирани на работи кои вистински ве интересираат и при тоа ве прават весели, доминантната вибрација на вашето тело се менува. Тоа се оние моменти кога луѓето спонтано ви зборуваат дека необично зрачите.
Задоволните луѓе секогаш ги привлекуваат задоволните, а фрустрираните- фрустрирани луѓе. Ние секогаш околу себе имаме луѓе кои во некој дел на својата личност и однесување се наше огледало. Оние кои ви даваат љубов, разбирање, почитување и себеси на лесен и безусловен начин, покажуваат дека вие тоа го давате сами од себе и го проектирате во светот. Оние кои ви даваат нетрпеливост, кавга, конфузија, неразбирање или некое натегање, се огледало на тој ваш дел.
Кога тоа ќе го осознаеме, тогаш почнуваме да ги доживуваме луѓето околу себе, почнуваме поинаку да се третираме себеси, а со тоа и нив. И така, се’ она лошо што зрачевме назад, често се трансформира. Промената доаѓа одвнатре. Во тоа е магијата.
Затоа, што и да ви даваат некои луѓе моментално, бидете благодарни, бидејќи ви покажаа каде сте вие сами со себе. А кога сами со себе ќе бидете на добро место, на она место каде што сакате да бидете, ќе ја живеете и љубовта.
Марија
Leave a Reply