Немам време за половични пријателства, половични односи- најважна е Љубовта

Знаеш ли кои се твоите луѓе, оние кои можеш да ги повикаш кога се рушиш и кршиш? Тоа се оние кои ти посакуваат секое добро, кои те гушкаат силно. Ако не те слушнат еден ден, се однесуваат како светот да пропаѓа.

Јас си ја сакам таа мала група на луѓе и не престанувам да ги гушкам. Но, некако сакајќи така силно, заборавив да се сакам себеси. Се убедив дека сум добро, кога сите оние кои ги сакам се добро. Кога сум повеќе нивна, отколку своја.

Мора да знаеш кога да се сакаш себе. Тоа е предуслов да сакаш некој друг. Мора да знаеш кога да бидеш понежен кон себе. Мора да знаеш кога треба да ги пуштиш некои луѓе да си одат. Треба некогаш да бидеш сама, за да знаеш како да бидеш во друштво. Мора да кажеш гласно колку ти е тебе доволно.

Мене отсекогаш ми требало многу љубов. Многу повеќе отколку што луѓето можат да дадат. Многу повеќе отколку што можат да сфатат колку ми треба. Често си одев од луѓе кои ги сакав бидејќи ме болеше нивната неспособност да ме сакаат доволно. Тоа беше мој начин да се заштитувам. Понекогаш луд, понекогаш погрешен, но многу често мој единствен.

Не знам како е во вашите животи и светови, но во мојот отсекогаш е најважна љубовта. Не нужно онаа помеѓу маж и жена, туку и онаа братска, сестринска, пријателска.

Оној кој ќе ти каже- ‘Ќе биде се’ добро’.

Онаа на која можеш да и’ кажеш- ‘Гушни ме малку појако’.

Онаа ‘Ми требаш, дојди’ и онаа која ќе дојде кога ништо нема да кажеш.

Само така има смисла. Оние куртоазни исфолирани односи, кога зборуваш за времето, кога гушкаш, а гледаш преку раме, оние односи кои ги толерираш, тие никогаш не беа она за што имав време.

И не сакам да имам никогаш повеќе време за половични пријателства. За половични луѓе. За половични односи. За тажни Нови години. За пропуштени концерти. За неиспиени кафиња. Се’ она што правам сакам да го работам бидејќи сакам. Бидејќи чувствувам дека мене ми треба. Се’ она што сакам да работам.

Сакам да се сакам себе, како никој никогаш што не ме сакал. Никој од тебе не може подобро да знае. Ви посакувам и вам да се сакате. Да не мислите дека поради тоа сте себични или горди.

Прво себе, па сите други и бидете нежни кон себе.

by Рита

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: