Таа повеќе не те слуша..

Таа вечер, на седмиот спрат во една сива зграда и’ рече: ‘Ќе ти бидам верен како куче’

И уште рече, дека ќе го следиш нејзиниот чекор ако треба- ти кој знаеше со зборови. Дека ќе ја браниш од кучиња, ќе ја туткаш за да ја загрееш, ќе и’ ги лечиш раните од другите ако треба.

А потоа после длабока воздишка, рече дека со неа сакаш да создадеш семејство. Дека со свои раце ќе изградиш мала жолта куќа и ќе купиш куче кое нема да лае многу, но ќе биде доволно пргав да ве штити ако посака да се доближи.

Рече дека со свои раце ќе направиш кревет од буково дрво и ќе отвориш прозорец на таванот за да се гледа ѕвезденото небо. Ќе имаш и градина и таа нема ништо да прави, само ќе седи покрај неа и ќе одмара на Сонцето, ако сака.

‘Побрзај, сигурно те чека. Зарем ќе дозволиш да се посомнева дека си лош маж’.

Ја гледаш немо, ти се гади, се гадиш од самиот себе, но тука си. Секогаш во недела и среда.

Кога ќе дојдеш дома, таа те чека. Те љуби нежноо. Ти ја милува косата. Те гали како да си дете на кое му треба љубов. Таа верува дека си уморен. Дека си испотен од долгиот пат. Ти ги соблекува чевлите. Таа ти верува и те сака. Ти направи вечера, ја остави во рерната да не се олади.

Додека бебето спиеше, отиде до градината зад куќата. Собра моркови и тиквички. Го нарани кучето со ручекот кој не стигна да го јадеш. Ја намести масата. Додека јадеше ти направи купка за да го измиеш уморното тело. Таа ти верува и те сака.

Бидејќи, се сеќаваш, ти треба да и’ бидеш верен како куче. Таа ти верува.

И затоа го напушти градот и дојде со тебе во мирно селце. Да биде твоја жена. Ја напушти работата и соништата, одлучи дека е најдобро едно време да биде дома и да биде со детето.

Ти заминуваше, таа остануваше и чекаше.

Чекаше да стигнеш на вечера, кога веќе доцниш на ручек. Да станеш наутро покрај неа, кога веќе не легнуваш ноќе со неа. Да се прошетате. Да одите заедно на одмор. Да одите било каде. Да и’ зборуваш како некогаш. Да ја гледаш како некогаш. Да ја сакаш како некогаш.

Ти си заминуваше, а таа остануваше и се лажеше себе дека е се’ во ред.

Сега стои пред огледалото и веќе долго го гледа својот одраз. Прв пат после толку години, стои и се гледа себеси право во очи. Се мешаат самосожалување, страв и одлучност.

Изневерена е, измамена. Сите овие години лоша кон себе. Заробена во златен кафез да се движи по него сама.

На другиот крај од градот, во мрачна соба седиш ти. Запуштено куче. Гладен ко куче. Отфрлено и залутано куче. Секое сеќавање на неа, ти ги крши коските. Си го вртиш филмот и се јадеш себеси.

Глупо веруваше дека нема никаде да оди, бидејќи сеуште те сака, бидејќи нема сила да си оди, бидејќи ќе биде срамота од луѓето, бидејќи имате дете, бидејќи имате куќа, не ја тепаш, бидејќи замолча и престана да зборува за своите соништа, за љубовта.

Глупо поверува дека можеш да ја задржиш со куќата, удобноста, парите. И илузијата на семејството кое детето треба да има.

Глупо поверува дека ништо не и’ фали и дека е тоа доволно никогаш да не си замине.

Навистина глупо.

Бидејќи срцето чука додека е живо, без оглед на бројот на раните. И бара љубов да се нахрани, за да опстане, да се зацели. И сака кога се гали, кога поради допир и возбуда добива повеќе крв отколку порано. Кога му шепотат некои магични зборови. Кога се грижат.

Глупо поверува дека сеуште си куче, тогаш кога стана џукела.

Сега цифкаш да се вратиш. Но, таа повеќе не те слуша.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: