Кога знаеш кој си, невозвратената љубов не е крај на светот

Сакам да бидам сама со себе, да имам само за себе време во кое ќе се исклучам, ќе заборавам на светот, луѓето, обврските и сметките. И на мажот во кој сум толку долго вљубена.

Колку ние жените и да не веруваме, апсолутно е можно да се сака некој а да не се робува на тоа чувство. И можно е да се биде среќен, безбрижен и позитивен. И да се пеат на сиот глас љубовни песни без патетика и многу солзи..

Можно е да се сака, а да не се биде страдалник, постојано во драма и распад. Бидејќи знаете што, таа драма, солзите и страдањата, тоа не е љубов. Тоа е илузија. Љубовта не растура, не крши и не те фрла во депресија. Љубовта нема желба за поседување. Нема желба за врзување. Таа само сака..

И кога ќе ме прашаат како да освојат некој повторно или како да го вратат саканиот, чувствувам многу лоша и посесивна енергија во тие прашања. И додека слушам како сакате и колку посакувате таа личност да ви се врати, колку ви е тешко и колку сте несреќни, секогаш помислувам како никој од вас ни за момент не се прашува како му е на другата страна, како се чувствува и што сака?

И тоа е проблем и одговор истовремено. Бидејќи љубовта го поставува тоа прашање. Љубовта е почитување и разбирање. И таа личност која вистински сака некој, таа го прифаќа фактот дека понекогаш емоциите не се возвратени. Го разбира тоа и почитува. И во својата љубов е достоинствена.

Можеби ќе ги признае емоциите на другата страна, но нема да инсистира на односот. Не, бидејќи сака. А кога сакаш тогаш со цело свое битие, сакаш тоа саканото да биде среќно.

И таква емоција не е утопија како што многумина од нас мислат само затоа што никогаш не почувствувале што значи некој така да се сака но и да бидат искрено сакани. Бидејќи секакви будалаштини и секакви облици на односи ги нарекуваме љубов, па се чудиме зошто не оди, зошто не трае.

Да се сака некој вистински значи да се разбере дека луѓето се менуваат и дека се менуваат нивните емоции, дека денес можеби не сакаат она што вчера посакуваа и дека разделбите се дел од животот. Исто така е можно со години некој да сакаш а да не бидеш со таа личност, ниту пак е можно сето време да се убедува тој некој дека треба да бидете заедно.

И знам, тешко е да им се објасни на жените кои мислат дека се неуспешни и дека со нив нешто не е во ред ако до триесетата не се омажиле или родиле. Уште потешко е да им се објасни на мажите кои цел живот слушаа дека емоциите се слабост, дека не е машки да се плаче и дека е важно која каква е во кревет. И дека вреди само онаа жена за која се бореше и која го третираше како крпа со која бришеше под, го газеше, ама ете беше недостижна, па вредеше. Не е, само тој гледајќи од дете токсични односи околу себе, поверува дека тоа е љубов и дека во односите луѓето се газат еден со друг. Па од друга страна нежно, полно со љубов и до коска верно женско суштество го плаши. И не знае што со неа.

Така сме воспитани. Така сме програмирани. Нашите умови се хранеа со стотина отрови и токсични идеи и сите тие идеи оформија личности кои многу малку знаат за убавината на искрените емоции, за меѓусебното почитување и на крајот, а всушност на почетокот на приказната- за важноста на оној однос кој сите некако го оставаме по страна, односот со самиот себе.

А од него се’ извира. Додека себе не се запознаеме, додека не сфатиме што сакаме, ќе се согласуваме на се’ и сешто. Ќе даваме многу а ќе добиваме ништо. Ќе се заплеткуваме во било какви токсични приказни каде ќе изгубиме половина живот и ќе исплачеме милион солзи, па тогаш малодушно ќе заклучиме дека љубовта не постои и дека сите луѓе се исти.

И нема да знаеме да сакаме, бидејќи љубовта не е само чувство, љубовта е и начин на живот, пристап на луѓето и светот. Љубовта е став.

Став во кој ‘те сакам’ е многу повеќе од фраза, која не се срамиш да ја кажеш и со неа немаш никакви барања. Само ветуваш, дека ќе почитуваш, чуваш и разбираш. Па ако се развие емоција во односот, која и двете страни ги посакуваат подеднакво, тоагаш заедно со своите сакани ќе поставите темел што е за вас вашата приказна, што во неа е во ред, а што не. И двајцата ќе се изберете еден со друг, секојдневно.

Ако дојде тој ден кога еден од вас нема да ја посакува таа приказна, тогаш тоа ќе го прифатите со мир и разбирање. И ќе боли, но тоа е дел од животот.

Марија

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: