Не, нема да ја играм твојата игра

Не, јас нема да ја играм твојата игра: ‘топло-ладно, сито- гладно, те посакувам-се дистанцирам, дојди ми- оди ми, секогаш ќе бидам покрај тебе, но никогаш ме нема кога најмногу ти требам, достапен сум, но само тогаш кога ќе те посакам’.

Не, јас нема да ја играм твојата игра, во која потполно ќе се изгубам себе и каде се’ ќе се врти само околу твоите потреби и мојата издржливост да поднесам нечија себичност. Каде изразувањето на моите желби, било какво негодување и било какво барање ќе биде протумачено како ‘емотивна нестабилност’, ‘незрелост’ и ‘неблагодарност’- затоа што давам се’ а не добивам ништо. Не сакам ниту половина, знам колку заслужувам, а заслужувам се’ што ќе ти дадам.

Не, не е неблагодарност, туку е реципроцитет кој постои помеѓу две емотивно зрели и здрави луѓе. Јас нема да ја играм твојата игра, туку ќе се повлечам и ќе прекинам со се’, како никогаш да не се познававме. Ќе сфатиш, но доцна, дека некои луѓе можеш да ги изгубиш само еднаш.

Ме тестираш, знам: каква сум кога наеднаш ‘ќе оладиш’, кога се дистанцираш, каква сум кога не даваш доволно, каква сум кога имаш толку многу обврски, каква сум кога си го живееш својот живот, каква сум кога се’ оди по твое, кога е време за ‘драма’ и кога очекуваш драма. Ме тестираш колку можам да поднесам, ги тестираш моите реакции и мислиш можеш колку што сакаш и колку што посакуваш. И само продолжи да мислиш.

Но, не, јас нема да ја играм твојата игра, јас не сум од оние кои прават драма, бидејќи ќе прекинам се’ и ќе заминам како никогаш да не се познававме. Очекуваш реакција, било каква, знам, очекуваш дека ќе се побунам, врескам, плачам, молам, дека ќе досадувам, ќе бидам ‘незрело девојче’, нешто во склад со твоето ‘незрело дете’ што седи во тебе- но не, јас нема да играм твојата игра.

И можеби мислиш дека се плашам да не те изгубам, можеби мислиш дека немам подобри прилики, мислиш дека си ти најдоброто што ми се случи. Можеби мислиш дека многу те засакав. И можеби те засакав многу, но многу повеќе го сакам своето достинство и сопствениот мир.

Јас нема да ја играм твојата игра, јас повеќе немам време за игри. Ако не е чиста, зрела и здрава љубов- немам време, немам желба, немам волја. Доволно гледам, доволно знам, доволно поминав- зарем сега да се согласам на игри? Не, нема да се случи.

Јас нема да ја играм твојата игра, ќе мора да ја играш сам. Јас само ќе те набљудувам. И знам дека ќе бидеш збунет од мојата смиреност, моите насмевки, мојата радост, мојата способност да го сакам животот и да живеам без тебе. Но, ти не знаеш дека долго работев на таа смиреност, дека беа потребни години на жртва, предавство и борба- зарем сега да ја жртвувам заради тебе? Бидејќи ако не можеш да дадеш искрена љубов, само си уште еден на минување низ мојот живот, ништо вредно.

Да, ќе бидеш збунет со мојата смиреност, ќе се прашаш како е можно и од каде ми е сега тоа и ќе страдаш што не можеш да ја разнишаш, победиш. Ниту со една твоја игра, ниту со еден твој хир, ниту со една твоја лага- бидејќи знам се’. И можеби си ти непредвивлива, дива, немилосрдна река- но моето море е мирно.

И никогаш повеќе нема да ме имаш, ама ќе ме бараш во секоја жена која во иднина ќе ја сретнеш.

,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: