Чекајте излез во искушенијата за да можете да претрнете

“ Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да позволи
да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да
можете да трпите.“ (1 Коринтјани 10, 13 )

Не можам да замислам кое би било друго искушение освен човечкото. И онака не сум добил
улога, ниту моќ да истражувам, па ќе се задоволам со она што се лесно ме постигнува. Ми надоаѓа
првин со лесен чекор, како силуета оградена со темна сенка, која оддалеку изгледа и како
незаинтересиран минувач, но и како лукав шпион кој настојува да ми се прибере што поблизу. Ако
ми се допадне, се охрабрува во наредната фаза да ми се приближи и нешто дошепне. Тоа е
пресудниот стадиум во кој се одлучува дали ќе се фатам во костец со тоа искушение со голема
можност да ја загубам битката или пак ќе се спасам од лошиот крај кој вообичаено би ми го
приредило. Ако му дозволам да ми влезе во главата веќе се наѕира мојот пораз, ќе се испомеша со
моите мисли, дури и ќе стане една од нив, за жал најчесто онаа водилката, која ќе ги потисне
останатите и ќе ме принуди на дело. Единствена пречка за да ја спроведам нејзината желба во
практика ќе биде уште портата на срцето, и доколку низ која помине и заседне ќе го предизвика
мојот пад од кој нема станување. Краток е патот од еден поглед до тешки окови кои дозволуваат од
само кон огненото езеро.
Но верен е Бог, Кој нема да дозволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша. На крајот
на сопствените сили сум, не гледам ни пат, ниту патека кон место кое би ме облеало со светлинка.
Потопен сум од калливи, матни води кои ми надоаѓаат до устата сакајќи да ми го попречат здивот,
оној последен воздушест кислород кој ми зборува да издржам бидејќи после секое наредно меурче
поголеми се шансите помошта да пристигне. Го гледам и пеколот и рајот, но потсвесно иако сум
сигурен дека треба да селектирам само едно од нив, непостојаноста и брзопоминливоста на времето
за одлука ми создава аритмија која со притисок ме наговара на заклучок. Што би можел да изберам
јас кутриот, потонат од една страна и полн со желба за живот од друга, освен да ја прифатам
Божјата рака која отсекогаш била тука, над мојата глава, но моите страстливи очи тоа не можеле да
го забележат. Со нејзиното прифаќање уште еднаш се согласувам на заветот на синовство, со кој ќе
престанам да се однесувам како сирак и копиле, ќе ја излечам сопствената разузданост и ќе ширам
љубов со секоја своја присутност. И уште нешто, покајанието ќе ми биде храна, плачот пијалок,
молитвата перница, милосрдноста постела и добрината кревет. Колку и да делуваат невидливо и
смешно, тие доблести ќе ми ја израмнат силата колку способноста на едно искушение да ме
совлада.
И Бог заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите. И навистина, доаѓа
некое олеснување, како да си се разголил од сите товари, посебно од оној душевниот, лесен како
пердув мислиш дека можеш да ја достигнеш највисоката планина само со едно струење на ветерот.

Сеуште не си безбеден од подмолните планови на демоните, но сега веќе на нив гледаш со милни
очи, веќе ти е жал за нивното вековно ропство. Не ги чувствуваш претходните болки во телото,
зошто си се претворил во дух на кој не му е важно за што постојано трупот прекорува, кој
единствено се погледнува во Небото замислувајќи се во бела облека и палмово гранче во рацете. А
потоа се враќаш на земјата, во светот во кој сеуште тестот не е завршен, и се подготвуваш за долга
и радосна трпеливост. Долга бидејќи чекањето кон нешто што многу се посакува е секогаш
правопропорционално со желбата тоа да се случи. И радосна бидејќи си го добил излезот како и
малкуте избрани.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: