Разведената мајка не е за грев. Наместо да ја озборувате, почитувајте ја

Никој не сака да му се случи развод. Разводот е пораз. Но, понекогаш е нужен. Одлука на борците. Борците за подобар живот. За подобар живот на своите деца.

Дете сум на разведени родители. Предоцна разведени родители. Пораснав во мало место, мојата мајка живееше меѓу ‘комплетни’ семејства. Затоа со години се бореше да го одржи својот брак во живот и нас двете деца.

Зборуваше со свештеници, своите најблиски кои и’ зборуваа да издржи, иако веќе имаше знаци на насилство. Психичко повеќе. Тоа е најстрашно, бидејќи е невидливо. Модрица не се гледа, навреда и понижување исто така не.

Се сеќавам, беше крај на летотото после моето завршено прво одделение, кога почнав да пелтечам бидејќи видов сцена меѓу мајка ми и татко ми. Влегов дома, беше мртва тишина. ‘Татко ти повеќе не живее со нас’- ми рече мајка ми тивко и почна да ме гушка. ‘Фала му на Господ’- реков тивко.

Имав седум години и во тој момент почувствував големо олеснување. Татко ми секогаш беше добар кон мене, бев негово галениче…ама тогаш почувствував големо олеснување. Бидејќи во куќа во која двајца сопружници очигледно не се сложуваат, да не зборувам и уште потешки работи, најтешко е да растат децата. Детството од пеколот е она во кое тато и мама живеат заедно, но не се поднесуваат. Или еден од нив не го поднесува другиот.

Пораснав среќна само заради мајка ми. Создаде свет полн со љубов и тивки тонови, свет полн со разбирање за грешките.

Не е убаво да бидеш дете на разведени родители. Татко фали. Или мајка фали. Тажно е тоа за детето. Но, да се живее со навреди, понижувања, трескање, викање пред детето е многу тажно.

Мојата мајка успеа да се разведе. Собра сили да му каже НЕ на дотогашниот живот, да каже НЕ на озборувањата и да му каже ДА на новиот живот.

Денес кога и самата сум мајка, гледам колку многу не’ заштитуваше и жал ми е што почина и не можам да и’ кажам -Благодарам за се, мама. Најмногу и’ благодарам што ми покажа дека луѓето сами си ја избираат својата среќа и дека нивните одлуки ги кројат и туѓите животи. Ме научи дека не треба да се толерираат лоши односи, дека жената треба да има свои пари и слобода да каже НЕ.

извор: zelenaucionica.com

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: