Дали сте жена која бира? Дали знаете воопшто што сакате од мажите?

Понекогаш толку лудо се вљубуваме што другата личност ни станува центар на светот. Се тресеме на секоја порака, на секој збор кој ќе ни го упати, чекаме повик, средба и од тоа ни зависи денот. И расположението.

И сама поминав ситуации кога некој однос, односно некој маж и неговото однесување знаеше да влијае на цел мој ден, дури и недела. Ме штрекнуваше кога ќе се јавеше или кога ќе видев дека нема време за мене, не му бев приоритет.

Со тек на време научив сама на себе да си давам љубов, сама себеси да си давам квалитетно време. Да си го исполнам својот живот и своите денови со некоја занимација, работа, дружења и со прекрасни книги. Почнав интензивно да пишувам и за своите емоции, искуства и желби и да ги претворам во траен запис на се’ она што научив. Освестив која сум и колку вредам.

Сфатив дека мојата вредност како личност и како жена не зависи од вниманието на некој тип, од неговата порака и неговиот интерес. И дека не треба да се лутам бидејќи немам зошто. Ако му се допаѓам а не ме гледа како жена со која посакува да има кавалитетен однос, тоа не е до мене. Нема врска со моите вредности, мојот карактер, квалитетот и убавина. Едноставно не го интересирам и тоа е во ред.

Всушност, како што повеќе го освестував она- која сум како личност, почнав да си поставувам поинакви прашања: Дали како личност имаме заеднички вредности? Аспирации? Дали сакаме приближно исти работи во животот? Дали има тој некој вредности за семеен живот? Дали сакаш добар соговорник бидејќи знаеш колку е комуникацијата важна? Сакаш личност на која можеш да се потпреш и за која ќе посакаш да бидеш тука, не само кога е убаво, туку и кога животот пред вас ќе стави предизвици?

И се додека имате потреба да одите по желбата, а не за поврзаноста, ќе одите од едно разочарување во друго. Исто важи и за мажите, се додека нив ги брка нагонот за освојување, желбата, забавата и предизвикот, дотогаш животот ќе им врати со разочрување и шлаканици, бидејќи вистинскиот однос се гради на некои други темели и нему желбата за некој е само дел од приказната, но не и извор и центар.

Мојот свет почна да се менува кога во својот ум и срце ја споив идејата за она што навистина го посакувам во партнерството. Маж кој сака да живее исполнет живот, онаков каков што создавам за себе. Визијата е важна. Визија на она што посакувате да изградите со таа личност. И не можете да отстапувате од таа визија само затоа што некој има убави очи и слатко се смее, а инаку е изгубен на планетата Земја, кој нема цели и уште да се најважни неговите изјави дека не е за нешто сериозно и дека не сака деца.

Тоа не значи дека треба да имате листа не невозможни барања, тоа само значи реално да погледнете дека тој маж не е за вас. Не е поентата за каков лепотан сонувате, туку каков партнер посакувате. Она што ни се допаѓа не е исто како она што навистина посакуваме и ни треба. Бирајте подеднакво и со умот и со срцето, бидејќи бирате некој со кој ќе бидете цел живот.

Не треба да ве влече идејата или фиксацијата дека таму некаде постои некој совршен, бидејќи ќе останете сами со својата фиксација.

Марија

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading