Не мора да раскинеме…Подобро е вака.. На неопределено

За почеток, не сум дете. Ги немам оние 18 години, како што би рекле во песната, да се жалам сега. Јас сум човек на 29 години, во врска веќе две години, со планирања, идеи, средби, ‘почекајме уште малку’, ‘чекај ме’ – и сега кога се сите делчиња на место, таа вели: ‘Подобро не’.

Врска на далечина, сите веќе зборуваат дека тоа е модел осуден на неуспех. Може да трае неколку месеци, додека има уште енергија, ентузијазам и пари за ваму-таму, но ние се противевме на силите на гравитацијата, предвидувањата и модерното сфаќање на љубовта и врската.

‘Ние се сакаме, ние сме поинакви’ – така рече Елена кога заминуваше.

Па, јас поверував.

Пак, не бев дете, веќе работев, живеев одвоено од родителите, таа отиде на мастер во друг град.

‘Зошто не може тај мастер во Скопје, туку мора во Берлин?’ – ме праша дедо ми. ‘Како, бре, се сакате, на тоа апаратче? Го пипкаш стаклото, место девојката!” – ќе вртеше со глава кога ме гледаше како се смеам со телефонот во рацете. Да му објаснуваш на дедо на 80 години што е љубов преку жица – но без жица.

А во тие разговори имаше многу планирање, љубов, сеопфатност.

Еден ден и’ пишав: Имам новости, шефот мисли да ми даде преместување во Берлин, коначно можеме да почнеме да живееме заедно. Да дојдам овој викенд да се договориме? –

Добив порака: ‘Подобро не, среќни сме вака’. Такааа? Какооо? Да разменуваме GIF-ови на Фејсбук и Reels на Инстаграм? Да ми испраќа романтични стикери на Вибер и да се смее на моите глупави шеги на телефон во полноќ? Да се видиме еднаш месечно.

Таа има некој – ми вели оној грозен глас внатре… Ама јас не сакам да поверувам.

Таа рече: ‘Не мора да раскинуваме, само, не знам, зошто толку одеднаш тоа преселување, населување, заеднички живот? Одеднаш. После две години, за неа ‘Одеднаш’!!!. А зошто уште да чекаме, Елена?

‘Не знам, да се средам малку. Само што го одбранив магистерскиот, токму почнав да работам, мислам, не сме сигурни’.

‘Како не сме сигурни? Мислиш, ти не си сигурна? Имаме пари, го можеме ова заедно.

‘Не е само за парите’.

И тогаш сфатив, не е сигурна во МЕНЕ. Јас сум момче кое е во резерва, по потреба, на половина пат меѓу Скопје и Берлин, но недоволно – за заеднички стан, дом, живот. Подобро и’ е, среќна е така.

‘Не мораме да раскинуваме’, повторува. ‘Убаво ни е така’, убедува. Но за мене ‘така’ не е доволно, јас не сум повеќе среќен со ‘така’. Како што не бев ни кога рече: ‘Тоа е само за една година, можеме тоа да го направиме, па подоцна се’ друго.

Кога после, Елена? Нема да биде после, подоцна, ако не си сигурна сега, никогаш нема да бидеш. Не биди на крајот на срцето, не е сè црно-бело, или-или. Но е. Кога љубовта е во прашање, е така. Или ме сакаш, или не ме сакаш.

После кажа нешто многу глупаво, дека моите ме стискаат да се оженам, дека сакам да ја контролирам, дека не и’ верувам повеќе, ја сопнувам да расте, тоа не е љубов туку опсесија. Одеднаш, сè што за мене беше вистинито, веќе не беше вистинито. Бев вистински изигран човек.

– ‘Добро, Елена, пораката е примена’. – реков на крајот.

– ‘Да направиме да бидеш посреќна’.

– Може сè да остане исто? – праша таа

– Не може.

– Значи, прекинуваш.

– Не го прекинувам, го прекинуваме.

Половина од тебе, половина од мене. Како што беше до сега.

М.М

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: