Ти знаеш да ја смириш и да ја разгалиш мојата душа

Шести март 1994 година Драга моја Кетрин

Каде си? Зошто моравме да се разделиме, се прашувам додека седам сам во мрачната куќа. Не наоѓам одговор на овие прашања, колку и да се трудам да сфатам. Причината е едноставна, но мојот ум не ја прифаќа и јас, сосема сам се борам со страшното јаве. Загубен сум без тебе. Мртов сум, скитник без дом, осамена птица што лета кон неврат. Јас сум сето тоа и ништо од тоа. Таков е, мила, мојот живот без тебе. Копнеам да дојдеш и да ми покажеш како одново да живеам.

Се обидувам да ги доловам одвеаните денови, на ветровитата палуба на КЕТРИН. Се сеќаваш ли како заедно работевме на неа? Одново градејќи ја, станавме дел од океанот зашто обајцата знаевме дека океанот беше тој што не соедини. Во тие мигови сфатив што значи вистинската среќа. Во ноќите едревме по темната вода, а јас и се восхитував на твојата убавина, на месечината. Маѓепсано те набљудував и во длабочината на твоето срце знаев дека секогаш ќе бидеме заедно.

Дали секогаш е така, се прашувам, кога двајца се сакаат? Не знам, но ако мојот живот од мигот кога се разделивме може да послужи како некаков показател, мислам дека ги знам одговорите. Отсега па натаму знам дека ќе бидам сам. Мислам на тебе, те сонувам, те довикувам кога си ми најпотребна. Тоа е се’ што можам да сторам, но тоа не ми е доволно. Никогаш нема да биде доволно, го знам тоа, но сепак, што друго ми преостанува? Кога би била тука, ти би ми кажала, но и тоа ми е скратено.

Ти секогаш ги наоѓаше вистинските зборови за да ја ублажиш болката што ја чуствував. Секогаш знаеше да ја смириш и да ја разгалиш мојата душа. Дали е можно да знаеш како се чуствувам без тебе? Кога сонувам, сакам да мислам дека знаеш. Пред да те запознаам тебе мојот живот немаше никаква смисла, никаква цел. Знам дека, на извесен начин, секој чекор што сум го направил од мигот кога сум проодил бил чекор накај тебе. Ни било судено да бидеме заедно.

А сега, кога живеам сам во куќата, сфаќам дека судбината може да го повреди човека исто колку што може да го дарува, и упорно се прашувам зошто – од сите луѓе на светот што сум можел да ги засакам – морав да се вљубам во некој што ми беше украден.

Гарет

Писмата на Гарет од ‘Порака во шише’- Николас Спаркс

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading