Каде пишува дека не можеш да бидеш победник?

Не мора ништо да ми објаснуваш. Се гледа дека ти е тешко. И тоа трае некое време. Ја чувствувам твојата болка и твоето страдање. Гледајќи те тебе, се присетувам на себе.

И мене ми беше тешко. Душата на парчиња. Тоа одвратно чувство на беспомошност. Не можеш ништо, а животот те руши, те гуши, не ти дава мир.

Знам дека сега не го гледаш излезот. Сега си завиена во црно. Но, морам нешто да ти кажам, иако ти можеби во овој момент не сакаш да чуеш.

Се’ е во твоите раце. И секогаш било. Во моментите на ‘црното’, тоа не го знаеме. Привлекуваме страв, комплекси и несигурност, привлекуваме се’ она лошо што ќе ни се случи.

Немој веднаш да негодуваш, немој да мрчиш. Дај и на оваа мисла барем малку шанса. Ако прифатиш дека имаш моќ, самата себе си да си го загорчуваш животот и ja прифаќаш одговорноста за тоа, тогаш набрзо ќе сфатиш, дека имаш исто толкава моќ и да го поправиш тоа ‘лошото’, зарем не?

Помисли за миг, што значи тоа. Помисли само кој  потенцијал го имаш на располагање. Подвлечи црта.

Се’ што до сега било и се’ што те растура е минато. Помина. Премногу мисли, одамна усвоени ставови, давно кажани зборови. Ако успееш сето тоа да го заборавиш, да го фрлиш ѓубрето и да тргнеш напред, со нови мисли, свежи ставови, конструктивни зборови и дела, оваа ‘луда’ сегашност наскоро ќе стане минато.

Да, толку е едноставно. Да не поверуваш? Знаеш добро колку си јака, издржлива, способна, паметна. Сигурно дека нема да им дозволиш на тешките времиња да те турнат.

Всушност, тешките времиња доаѓаат и си одат, а ти секогаш остануваш. Следната олуја нема да биде страшна, нема да делува безизлезно. Нема!  Ќе бидеш јака, мудра, моќна, каква што си станала  во меѓувреме.

Ќе знаеш дека твојот живот зависи од твоите мисли и зборови, имаш моќ да ги контролираш, со нив да управуваш.  Ќе го застанеш налетот на менталната деструкција, ќе го ставиш прстот на челото и ќе си речеш:

– Го можам јас тоа. Ако не можам да ја преминам препреката, таа нема да стои пред мене. Со таа мисла ќе тргнеш од дното, верувајќи дека до врвот сигурно ќе стигнеш и тоа како победник.

Собери сила, набилдај оптимизам и вера. Не им дозволувај на сомнежите да те шутираат, стравовите да ти удираат шлаканици. Додека се качуваш, не гледај од страна, концентрирај се само на целта.

Не си дозволувај себе си да наоѓаш изговори. Заборави која година е, заборави на тоа какви се времињата, што другите мислат или зборуваат. Заборави каде живееш. Заборави ги сите правила и сите ‘вистини’ со кои те пумпале цел живот.

Каде пишува дека животот е тежок? Каде пишува дека чесен човек не може да успее? Каде пишува дека не можеш да бидеш победник?

Во нас живее голема сила која не ја познаваме; не можеме ни да ја дефинираме. Донесени сме на овој свет со некоја причина, со некоја цел која само ние можеме да ја исполниме.

Едноставно, тоа го чувствуваш одвнатре. Направи чистка во главата. Исфрли се’ негативно и се’ што те влече надолу. Лесно се препознаваат тие мисли. Оние што те прават нервозна, уплашена, недостоинствена, мала.

Депортирај ги. Замени ги со нови, конструктивни, моќни. И тогаш чекај и гледај, само набљудувај како чуда се случуваат.

by Рита

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading