Кога умира последниот дел од мене

Кога ќе умре последниот дел од мене, дали ќе се прашам како живеев. Тогаш кога ќе помине светлината низ последната пора од моето тело во потрага по ѕвездите кои живеат во мене. Ќе погледам во Месецот барајќи надеж и спас. За оваа душа која е мало дете спакувано во тело на жена.

Кога ќе се сретнат моето срце и ум на преминувањето во другиот свет, дали ќе се караат кој згреши, а кој беше во право. Зошто еден беше господар а другиот слуга. Или ќе се сложат дека е тоа најдоброто што знаеа во овој живот. Можеби во следното преминувањето на Земјата, однапред да се договорат кој овој пат ‘ќе го води орото’.

Кога моите очи ќе ја сменат бојата од смеѓа во сина, дали јас светот ќе го гледам поинаку. Секоја точка на моето тело ќе бара спасение, некој последен знак за простување, за љубов и прифаќање. Ионака во сржта, секој орган на моето тело тоа го сака. Не може, но посакува.

Кога ќе умре и последниот дел од мене додека и’ се насмевнувам на личноста наспроти мене, дали ќе се запрашам колку насмевки лажни бројам, а колку од нив се од ова срце лудо. Колку лаги изговорив да не ги повредам другите или да не се повредам себеси. Колку собира во едно тело, а да не остане само на планетава. Бидејќи од лаги живееме, во вистината самуваме.

Кога нозете ќе почнат да трчаат кога ќе видат светлина на крајот од тунелот, дали рацете ќе го пратат ритамот или ќе успорат, бидејќи се плашат од крајот. Што ме чека на крајот, смрт или живот? Што е крајот вооошто? Дали постои време или само мислиме дека постои. Дали имаме време да се искупиме за секое лошо што сме го направиле или е доцна остатокот на краткиот живот да го поминуваме во покорување.

Дали имаме време за љубов? Можеби ќе имам време да барам простување за се’ лошо направено. Ако имам среќа можеби ќе имам време и да си простам. Можеби ќе си простам себеси бидејќи не можам на другите. Можеби од другата страна ќе има разбирање и за нас себичните. Ако постои друга страна се надевам дека е поискрена и потопла. Да нема игри и ‘што ако’ прашања. На некои во ‘што ако’ им поминува животот. На некои во молчење. На некои во терање инает.

Кога ќе умре последниот дел од мене, сакам да умре цел инает, сета гордост, секоја лутина и ако е тоа се’ што имам, нека биде така. Знам дека имам повеќе од тоа, ќе се родам повторно, ако ништо друго барем да ја предизвикам заспаната публика.

Кога ќе умре последниот дел од мене, на кој да му се заблагодарам што беше животот, ни помалку ниту повеќе, живот како што одбрав однапред.

Стела

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading