Да се сакаме еден со друг со љубовта од Бога

                       

“ Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога, и секој, кој сака, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов. ”  (1 Јован 4,  7-8)

Веројатно не сум ниту достоен ниту доволно осознаен да зборувам за љубовта, посебно за нејзината суштинска црта: совршеноста и нејзиното потекло од неприкосновениот Бог кој ја измислил, вградил во Неговото суштествување и подарил нам, несвесните за нејзината безмерност. За жал немам ниту поим што значи таа за мојата одржливост како битие кое постои од изгревот на сонцето до папсувањето на месечината, како да ја добијам во приватна сопственост, и како да ја задржам додека ми се излизгува помеѓу прстите ненавикната на егоизмот алчен да присвојува. Всушност, што се разбирам јас од љубовта, дури и од онаа најсимплифицираната опеана во народните стихови во кои на отворено се ставаат две срца, поцрвенети од срам во бескрајно удирачки ритам кој копнее за соединување. Затоа морам да почнам од почеток, да го познам Бога, да сфатам дека е љубов и да научам да сакам.

За да се запознае Бога треба да му се дозволи да стане гостин на нашето срце, кога ќе тропне да му се отвори вратата, но не и зад себе да се остави нередот поради кој Тој не би престојувал. Секако непристојно е, а и нема да биде некоја голема тајна пред Оној што знае се, сметот да се стави под тепихот, па да се одглумува уреден и грижлив домаќин кој го посакува присуството на гостинот со нескриено искрен копнеж. Најефикасно би било нечистотијата да се екстрадира пред големата средба, да се поработи со неа во рингот деноноќно и исцрпно, да се убеди дека во храмот свој нема место за туѓинци од тој ков и дека цената на закупнината не е во валута туку во крв. За тоа треба време, храброст и смртен напор, карактеристики кои ми недостасуваа кога и да ги посакав, кои и кога ги имав најчесто не успевав да ги додржам. Немав многу прилики да го познам Бога, онака лично пулсирачки низ моите дамари, но чувствував дека Тој е онаа недостижност која ја нарекуваме љубов.

Сигурно Бог е Дух, некое пространство кое не сакам ниту да си го замислувам за да не создавам во моето поимање идол кој би бил далеку од вистинската слика. Едноставно го има насекаде, пресретнувачки лоциран во правец на моите молитви кои потекнуваат поради од нигде никаде некоја тага неидентификувана. Ме покрива во квечерината кога несоницата не ми дава мира и ми го враќа сонот кој е секогаш поубав од реалноста. Ме смирува кога се изгледа безнадежно во лулка невидливо занишана, поттурната со ветувања и тишина во која владее правото на верување. Во Него го имам ѕидот на плачот, камбаните за радосната вест, тврдината против стрелите, и сето неспоменато кое ми е неопходно, неоспорно, неделиво, неконфузно. Според ова, нели Тој е љубов.

И на крајот уште да научам да сакам. Не да го сакам само оној што ме сака поради поколениска и сексуална должност и обврска. Не да го сакам она што ми се допаѓа и би го искористил во задоволување на некоја од моите страсти. Не да го сакам она што светот го сака бидејќи добило измислена привремена вредност, а не вреди ниту паричка во транферот во двометарската правлива дупка во земјата. Едноставно да бидам љубов, да зрачам од секоја пора со светлина која ќе ги привлекува другите суштества восхитени дека тоа е нешто надземно, да го правам она што за неопитните е еднакво тешко како одот по површината на водата, да преплавувам со милост како океанот со цунами и да прегрнувам со замав како најбесно торнадо. Дури тогаш ќе познам кој сум и од Кого сум.

SP Apostol

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading