Христос умре за нас уште додека бевме грешни 

“ За праведник одвај ли некој да умре, за добар, можеби, некој и да се реши да умре. Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни.”  (Римјани 5, 7-8)

 Веројатно најголемата жртва што еден човек би можел да ја положи за својот ближен, суштество од истиот род без оглед на роднинска, познанствена и просторна врска, е да умре за него. Со оглед на тоа што некои размисли се разгледуваат и во рамките на духовните сознајби, а не само во полето на физички видливото и егоистичното човечко чувствително перцепирање, терминот “да умре” е веќе истрошен во воена ситуација кога храбрите соборци застанувале пред куршумот наменет за нивниот ближен. Со други зборови, тоа може и да се толкува како подготвеност и дејственост да се умртвиш самиот себе, односно своите самопочитувани потреби и неизгаснати желби со цел да не напакостиш, односно да помогнеш некому од кого со направеното ќе немаш планирана идна добивка, односно ќе сториш нешто длабоко од срцето без истото да поминува преку разумот сетиран во стадиум на калкулатор.

За праведник одвај некој ќе умре. Многу се досадни тие личности, карактеризирани со упорно следење на својата совест која не познава и признава однесување надвор од рамките на заповедите и се труди да го освои невидливото царство и по цена на загуба на сите удопства во текот на земјениот живот. Маргинализирани се во ќошот на кругот, кој иако не постои претставува засолниште од демонизираните влијанија и напори да ги привлечат кон нивните орди и ги направат жители на бездната. Кој би умрел за нив кога и тие самите нема да видат крајна смрт следствено на ветувањата на Љубениот за местата кој им ги обезбедил во Горното Царство.

За добар, можеби, некој и да се реши да умре. И тие се малцинство на земјината топка и нееднакво распределени по пустините, планините и градовите, обратнопропорционално од густината на населеност. Ги води ѕвездата Деница во сите нивни настојувања да го калибрираат светот во точката на толеранција за која се надеваат дека ќе овозможи барем привремен мир. Заостануваат зад полошите и настојуваат да ги убедат дека единствениот имот што го поседуваме ние луѓето се воздухот, сонцето и земјата и дека нема потреба за прераспределба, ги има доволно за сите. Ги престигнуваат подобрите и ги молат да им ги откријат нивните тајни како би станале за чин повисоко од кучињата, за да би можеле пристојно да ги обавуваат должностите без лаење и гризење, да се покорни кога се нападнати и скршени кога се виновни.  Кој би умрел за нив кога и тие самите нема да видат крајна смрт само ако останат добри до моментот на затворањето на очите и повторно отворање во вид на душа во Горното Царство на Милосрдниот.   

За грешник никој не би умрел. Освен Христос кој умре за нас, уште додека бевме грешни. Целта е јасно изложена во секој ред на Евангелието, ги зеде нашите гревови врз себе за да нѐ помири со Отецот и да направи нов завет со човештвото кое веќе очистено треба да тргне по нов пат. Тоа очигледно не се случува со оглед на заслепеноста на заморчињата кои имаат слух само за гласот на себељубието и вкус само за похотните исполнувања. Затоа единствено ни останува да полагаме надеж во тоа дека Бог ја докажа љубовта Своја кон нас жртвувајќи го својот Син. И дека нема да го расрдиме повеќе од дозволено со што би го завртел погледот од нас и би не оставил во канџите на Злиот. Тогаш нема многу да ни бидат од помош нашите интенции да бидеме праведни, ниту добри.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading