Кога тој ќе престане да се јавува…

Молчењето е исто порака, таа најгласно зборува и има болен одек. Порачува- Не си ми повеќе важна, не си толку интересна, не си повеќе приоритет.

Жената секогаш се прашува што се случува во машкиот мозок кога по интензивна врска и покажување на интерес тој ќе исчезне, ќе се изгуби. Без никакво објаснување. Зарем има толкаво его, што почнува некоја личност да ја гледа без вредност и што не заслужува негово внимание?

На таквите мажи треба да им се испрати порака дека основното правило на бонтонот и човечкиот однос е да се испочитува договор, да се појавите на закажаниот состанок, да не се доцни. Тоа не е само прашање како тој сака да стане интригантен фраер во нечии очи, тоа е прашање на почитување на секоја личност во професионалниот дел, пријателскиот, семејниот. Не само во врска.

Дали тоа исто ќе го направи ако има договор со шефот, бизнис партнерот, пријателот, сестрата? Затоа, жени, добро отворете ги очите и набљудувајте како тој мистериозен, згоден маж, ги третира другите околу себе, од продавачка на благајна, до келнер, па дури и до просјакот.

Добро позната приказна дека тој е зафатен со својата работа, дека има максимални приоритети да напредува, добро покачување на плата, план да направи своја фирма. И целосно е посветен на тоа. И затоа не стига да се јави. Таквиот маж е всушност 24 часа онлајн и намерно те игнорира. Свесен е дека ти нервозно чекаш негова порака. Да, тој знае каква емотивна бура предизвикува во тебе. И искрено, баш му е гајле.

Како да порачува дека не си доволно возбудлива и интересна за да го задржиш неговото внимание. И на крајот ќе испадне дека премногу се трудиш, а нему демек му треба едноставност без компликации.

Нему му треба опуштена девојка. И се’ на крајот се сведува на неговите потреби, додека жените читаат глупи совети како да освојат маж, како да го задржат, како да не го вознемируваат. А нас никој не не’ прашува што ни треба, што сакаме, а него и системот и воспитанието го научиле да биде непристоен и арогантен и молчелив и плашлив, да комуницира кога ќе посака тој, под кои услови сака и до кога. Нив се’ име се простува и за се’ треба да имаме оправдување. А жената паѓа во замка на самообвинување, депресија и очај.

Тоа ќе му го направи на секоја жена, бидејќи е вешт во своите игри. Сто пати си го слушнала советот дека не вреди да се секираш поради будала, дека тој не е вреден за солзи, стрес, страдање и болка. Се’ тоа го знеш во теорија. Додека во пракса грчевито се држиш да не се распаднеш. Се обидуваш да се опуштиш, да се смееш, да се дружиш, но навечер кога ќе си легнеш, дали се прашуваш каде погреши? Дали си доволно добра за тој ‘успешен’ човек?

Повредна си за милион пати. Тој се труди да изгради таква надворешност и имиџ, а живее во страв дека ако ги покаже своите емоции, неговата репутација ќе се уништи. Ииии, што ќе речат пријателите, ако сега се врзе така за некоја девојка, на која ќе и’ го подари светот на дланка? Ќе стане преку ноќ папучар.

Тој ќе се исплаши и ќе побегне. Само кукавиците бегаат од проблеми, немаат сила да прекинат со девојката во живо, да и’ објаснат, единствено кукавиците се кријат во својата чаиура.

Секој пат кога некој фраер ќе замине, немој себеси да се обвинуваш. Обиди се да го гледаш животот со перцепција дека е подобро што тоа сега се случи. Бидејќи навистина е подобро што замина тогаш, отколку да ги потрошиш сите свои емоции и да ја исцрпиш сета твоја енергија, па да те остави. Што подобро ќе сфатиш тоа е подобро за тебе.

Ти си победник, убава си, згодна, паметна, вредна и ги сакаш луѓето. Тоа е добра особина, бидејќи не се занесуваш со лажен сјај и гламур. Со својот став јасно покажуваш кој си и што сакаш во животот. Никој нема право да ти ја расипе твојата среќа, еден ден да имаш вистинска љубов.

Ружица

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading