Можеби не постои засекогаш, но овој момент не сакам да го пропуштам

Moжеме ние да сакаме, длабоко и страствено и можеме навистина да веруваме дека таа емоција ќе потрае се’ додека срцето ни чука, но не знаеме. Гаранција нема. Дури и кога емоцијата е толку силна, што ќе не’ наведе да ги поместуваме сопствените граници, да се менуваме од корен.

Сеедно, во еден момент емоцијата ќе биде потрошена, барем таа страствената, посебната, волшебната и по малку бунтовна, со вкус на опсесија. Нешто друго всушност луѓето ги оддржува во односот кој трае за цел живот, ако потрае.

Помислувам дека оние кои траат имаат добра врска, можеби се навистина сродни души, предодредени низ овој живот да чекорат заедно. Можеби постојат и оние кои од живот во живот ја среќаваат својата половина, па со никој друг не можат да потраат. Сите врски им пропаѓаат и се претвораат во зрно прашина.

А, можеби љубовта погрешно ја проценивме, можеби и’ даваме епитети кои таа ги нема. Можеби не и’ е судено да трае вечно, туку некое време додека сме среќни заедно. Можеби е таа само поим на кој сами му даваме контекст, па на секој му прставува нешто друго.

Можеби стана идеја која ја силувавме со своите очекувања, па во нејзината прегратка ги ставивме сите своите барања, страв од одбивање, фиксација каква треба да биде нашата вистинска личност и како треба да изгледа тој наш однос, без да сме им дале прилика на вистинските луѓе од крв и месо да не’ сакаат и ние нив да ги сакаме и меѓусебно да си даваме среќа.

Засекогаш, мислам дека сепак не постои.

Засекогаш е искажан збор и ветување кое не може да потрае, бидејќи штом имам потреба на друг начин да сочувам некој, веќе чувствувам дека го губам. Неверојатно е тоа, можеш некој цврсто да држиш за рака, а да го немаш. И можеш со некој да бидеш оддалечен стотина километри без да му го видиш лицето со години и да му бидеш поблиску како никој друг на светот. Во личност од која тоа не го очекуваме. Во момент во кој не се надеваме. Во однос кој треба да стане нешто друго и на место каде нема начин љубовта да опстане.

Засекогаш. Може да стане фраза, бидејќи љубовта ионка не треба да се ветува, ако ја има, за неа е доволно да се живее.

Марија

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading