Размисли убаво пред да го направиш наредниот чекор

Девојко, стоп. Што и да правиш, застани, што и да мислиш, заборави. Животниот лист кој го пишуваше до сега искини го, џвакај го, фрли го во корпа, запали го. Сите предрасуди и мислења кои ги имаш за машките исфрли ги од главата, сега земи нов лист и почни од почеток.

Прво прашај се што всушност ти сакаш во една врска. Забава? Ако сакаш забава оди во локално кафуле и првиот што ќе ти се ‘пушти’ земи го за дечко.

Внимание? Она што тебе навистина ти треба е доверба, почит, разбирање и прифаќање. Овие се темелните вредности на секоја врска, без ова ниту една врска не може да функционира и ќе пропадне. Прашање е само кога, а не дали?

Да те сака некој, всушност значи да ги прифати сите твои добри и лоши страни, да ти верува и секогаш да биде покрај тебе, да те почитува како личност и никогаш нема да ти суди, а особено не да те менува, за да бидеш каква што тој посакува.

Сите девојки се сложуваат, дека најголемата машка грешка е тоа што откога ќе ја освојат девојката, ќе престанат да се борат за неа. Како се бореле за вас? Со внимание? Со подароци? Со текстови? Зарем вие навистина сметате дека тоа е трудење?

Јас сум сигурен дека најголем дел од девојките кои го читаат ова, се на возраст од 20 до 25 години. Веќе се доволно зрели да бараат посериозна врска која ќе трае подолго време, кратки врски кои траат едвај половина година не ви требаат.

Ако ме прашувате мене, најголемата женска грешка е тоа што тие толку многу се жртвуваат во една врска за да успее, мислејќи дека партнерот ќе ја возврати љубовта. Не девојки, така станувате само нивни играчки.

Зошто пишувам за девојките? Бидејќи, најмногу (75-80%) се жртвуваат. Ти девојко мислиш, ако бескрајно го сакаш него, дека тој ќе ти возврати на ист начин. Но, еве… ти го стори тоа, дали тој ја возврати љубовта? Секако дека не.

Можеби се прашуваш зошто е така? Одговорот е едноставен- ти не се сакаш самата себе. Твоите желби, мислења и ставови станаа неважни, најблиските луѓе во животот ти станаа странци, бидејќи ти зборуваа -тој не е за тебе, го изгуби достоинството во потрага по имагинарна совршена љубов, која постоеше само во твојата глава.

Значи првиот чекор е да си поставиш цели, но, не на сметка на твојата среќа. Второ, како изгледа твојот совршен дечко? Како од внатре, а како од надвор? Како сакаш тој да се однесува со тебе? Непишано правило е дека девојките, кои сакаат да имаат најдобар машки другар покрај дечко, се во лоша врска. Тие не можат се да споделат со дечкото и затоа бараат некого со кој ќе можат.

Размисли за момент, кој секогаш беше тука за тебе? Кој секогаш беше рамо на кое можеше да се потпреш и исплачеш? Кој веруваше во тебе дури и кога ти не веруваше во самата себеси? Тоа беше другарот, на кој ти не му даде шанса, другарот покрај кого секогаш беше среќна и насмеана.

Знаеш зошто тој е толку добар со тебе? Бидејќи тој се бореше, за да ја добие твојата доверба и почит, а ти му го подари своето срце на друг, како да си го нашла на улица. Тој, да токму тој другар заслужува шанса повеќе од било кој, девојко, бидејќи никој друг не те почитува подобро од него.

Никој друг не ти ја познава душата како него, значи вториот чекор е дека треба да најдеш дечко, кој ќе ти биде и најдобар другар во исто време. Ти можеби се плашиш, бидејќи ако ти пропадне и таа врска сметаш дека ќе изгубиш и партнер и другар, но верувај ми, оној кој вистински те сака, ти е и вистински другар и никогаш не би те повредил.

Се додека даваш шанси на мангупи, а ги избегнуваш оние кои навистина те почитуваат, никогаш нема да бидеш среќна, само ќе скиташ од врска во врска и ќе раскинуваш на 5-6 месеци, надевајќи се дека мангупот ќе се претвори во принц.

И на крај третиот чекор, самодоверба, самопочит и самокритичност. Секогаш верувај дека ќе успееш и не се откажувај, секогаш почитувај ги ги своите мислења, идеали и процени што треба кај себе да промениш за да ја подобриш врската.

Да, ти си силна и можеш, да, твоите желби и верувања се важни и не, не се сите машки исти, мора ти некаде да грешиш. Секако, пред да влезеш во нова врска направи пауза неколку месеци, излегувај со друштвото, работи на себе, запознај се со нови луѓе, стекни нови искуства, сети се што е тоа што те прави среќна. Ќе видиш како подобро ќе биде.

Листот на кој претходно пишуваше, беа зборови за оној другиот, а мастилото беше твојата среќа. Како се ближеше крајот, текстот беше се’ поблед, а на крајот, наместо текст имаше капки солзи.

Сега пишувај на нов лист, бидејќи ти така сакаш, а не за некого. Сега наместо твојата среќа, мастилото е твојата самодоверба и таа никогаш нема да се истроши, бидејќи оној кој е вистинскиот секогаш ќе ти ја надополнува самодовербата.

Наместо солзи сега ќе има насмевки и наместо да го кинеш, ти гордо ќе го истакнеш на ѕидот, и тогаш саканиот ќе те гушне, гордејќи се со фактот дека неговата девојка е силна и успешна , и потоа ќе ја почувствуваш неговата топлина, и твоето срце ќе го најде огнот покрај кој може да се стопли и каде што ќе може да се одмори.

И тогаш во тој момент ќе ви се спојат усните во еден бакнеж, кој ќе трае вечно, се додека смртта не ве раздели.

Марк

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading