Немој, не ми го прави тоа

Ако би можела да ти кажам дека
Секогаш кога ќе те сретнам онака случајно,
Од нигде никаде
Уверувајќи се’ себеси дека сум те преболела,
Дека не си ми ни толку важен,
Онака, ќе почувствувам некаква болка
Што ме стега,
И тоа не само во пределот на срцето,
Туку во пределот на секој дел од телото.
Само се обидувам да го избегнам твојот поглед
Којшто во исто време и ме распарчува и ме составува.
Таква сум.
Наречи ме дете,
Наречи ме патетична,
Кажи се’ што ќе направи да се почувствуваш ти подобро.
Кога сум до тебе,
 Иако стојам
Јас тлото не го чувствувам.
Мислам дека засекогаш ќе останам слаба на тој твој поглед,
Слаба на секој твој допир,
На секоја твоја насмевка
И на секој твој чекор кој те носи поблиску до мене.
Многу е чудно
Тоа што после сето она со тебе
Јас не сум способна да си дојдам при себе.
Иако знам дека не сум ти ни во една
 Mисла пред да заспиеш.
Знам дека не ме бараш во ниедна песна
Во ниеден стих,
И знам дека не сум причината
За секоја твоја
Испиена чаша џин.
Знам дека не ме бараш
И тоа малку ме боли,
Но, се обидувам да не мислам на тоа
Да не мислам на тебе,
Бидејќи не сме ништо,
И бидејќи немаше ништо
Освен една проклета ноќ.
Ноќ,
Во која го доживеав сето она
Што не би ми ни паднало на памет.
Бидејќи си некој кој тогаш не го знаев
Ниту два проклети дена.
И ако се прашуваш зошто преовеличувам,
Затоа што не сум навикната

Да го доживувам секој ден
Она што го доживеав со тебе.
И никогаш предтоа
Не ме нервирало тоа што
Некој ми се доближува,
Бидејќи моите мисли летаат само кон тебе.
И колку само не ми одговара
Ничие присуство.
Па, залудно те барам тебе.
И не знам зошто секогаш кога ќе ми пријде некој,
Јас само сакам да избегам кај тебе и да ти се фрлам
Во прегратки
И навистина да заборавам на сето она што е околу нас.
Јас свесно дојдов кај тебе.
И свесно ти се предадов.
Ти се предадов
 Знаејќи каква сум јас,
Знаејќи дека од нас нема ништо.
И тоа беше првото нешто во животот
Што го направив
Без да размислувам
На последиците.
И колку и да сакам да побегнам
Сеуште сум тука.
Заглавена во истото место
Кадешто ме остави.
Сакав и јас да сум како оние
Што не им е гајле
Кога ќе се случи нешто само еднаш,
И толку.
Но, знаев дека тоа не е мојот пат.
После тебе јас останав заглавена
Во сопствените мисли.
После тебе се’ ми остана исто.
И само се прашувам
Што сакаш ти од мене?
И зошто ми го правиш овој хаос
Во главата?
Секогаш се обидувам да го пронајдам патот
До опцијата
Дека можеби барем на момент,
Само на момент
Си го почувствувал ова што го чувствувам јас.
И упорно трагам по тебе,
Знаејќи дека ќе бидам повредена.
Бидејќи се плашам дека си тој

 што би можел да ги смири сите немири
во овој мој свет во којшто се губам во просторот.
Кога сме кај стравовите,
Се плашам дека нема никој друг
Да ме гледа така како што ме гледаш ти.
Се плашам,
од сето она што станувам кога сум во твоја близина.
Се плашам,
од секоја напишана реченица чија инспирација си ти.
И сакам да направам да престане се’,
Сето она што ми го правиш.
И кога ти велам:
„Немој, не ми го прави тоа“,
Ти ме прашуваш:
„Што ти правам?“
Па, залудно се обидувам да ти го дадам одговорот
Кој ни сама не знам да си го објаснам,
Дури не знам
колку чудно би звучело сето тоа да го кажам на глас.
Ама претешко е да ти го објаснам тебе тоа.
Ти, кој си причината за овој мој хаос.
Покрај тебе сум како изгубен скитник.
Како да ми го пореметуваш сето она што
Толку многу се обидував да го создадам.
Да станам ладна
Или барем да делувам така.
Но,
Покрај тебе се губам,
Заборавам како се дише.
И баш штета,
Што никогаш нема да знаеш
Колку и треба на оваа луда глава да разбере
Дека нема да бидеш така мој
Онака колку што сум јас твоја,
А сепак не сум.
Мислам дека длабоко во себе чувствуваш
Колку само ме имаш
А за тоа никој друг околу нас не е свесен.
Знаеме
Само ти и јас.
И навистина би можела и  да се заколнам
Дека помислив дека сум ти нешто посебно
Поради начинот на којшто ме гледаше,
Додека не видов дека така ги гледаш сите други.
Никогаш не сум знаела
Како да се тргнам што подалеку

Од работи коишто не се за мене.
Можеби за тоа и толку те посакувам?

Стефанија Лалкова

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading